Ковачевски: МОН и Владата ги имаат завршено сите процедури за учебниците
Владата и МОН ги имаат завршено сите процедури за учебниците, вели премиерот Ковачевски. Октомври е, а учебници по сите предмети сè уште нема, обвинуваат од опозициската ВМРО – ДПМНЕ...

Странските јазици наместо од учебници сè уште се учат од помошни материјали. Од Министерството за образование за Македонската телевизија велат дека за шестоодделенците учебниците се испорачуваат секојдневно. Во меѓувреме од опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека учебници по сите предмети сè уште нема. Според нив, министерот Шаќири и Велева, директорката на педагошката служба во Министерството, авторите на учебниците ги делат на партиски подобни и неподобни. Велат скандалите и уништувањето на образованието никако да запрат. Хаосот што секојдневно го продуцирате го еродира образовниот систем и создава трајни и несогледливи последици, а за тоа ќе има одговорност, порачаа од ВМРО – ДПМНЕ.
Владата и МОН ги имаат завршено сите процедури за учебниците, вели премиерот Ковачевски. Додаде дека учебниците мора да бидат напишани од автори и најголемиот дел се доставени. Според него, Министерството не ги пишува и одобрува книгите, туку тоа го прави независна Национална комисија.
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, оцени дека со тоа што МОН не обезбеди учебници за сите ученици, станува збор за огромна нееднаквост и дискриминација. Од Комисијата ќе следува тужба за МОН бидејќи на 1-ви септември од вкупно 126 учебници, 46 недостигаа.
Ана Јосифоска Тодоровска
