Политика

Наместо лидерска, меѓупартиски разговори за избори

13.10.2023 17:04

Се поизвесно е дека лидерска средба нема да има. Премиерот Ковачевски порача партиите да седнат да ги договорат деталите. Го повтори ставот дека изборите ќе бидат во редовен термин. Опозицијата инсистира да се одржат на ист датум со претседателските, Мицкоски веќе најави дека ВМРО-ДПМНЕ нема да ги бојкотира. Евроамбасадорот Гир со апел да се изгласаат уставните измени...

Без уставни измени нема евроинтеграција. Влезот во ЕУ е во рацете на самата земја и на Собранието, порача евроамбасадорот Дејвид Гир. Тој изрази надеж дека ќе се направи се за што е можно поскоро земјата да го искористи како што вели – создадениот моментум и решително да се придвижи во евроинтеграциите.

Сите пораки од Европската унија во однос на проширувањето се позитивни, тврди премиерот Димитар Ковачевски. И тој смета дека процесот на уставните измени треба да се заврши побрзо, за земјите од регионот да не влезат пред нас во Европската унија, односно да останеме во тек со Алабанија, Србија и Црна Гора.

Нема предвремени парламентарни избори, повтори Ковачевски. Тие ќе бидат во законски утврдениот рок и им порача на политичките партии да разговараат за деталите.

Ковачевски информира и дека измената на Изборниот законик согласно препораките на ОБСЕ и ОДИХР е во финална фаза. Лидерот на опозицијата неколкупати побара парламентарните да се случат заедно со претседателките. Мицкоски повика на лидерска средба, но премиерот не прифати.

 

Марија Котовска