Македонските граѓани од Израел си дојдоа дома
Македонските граѓани евакуирани од Израел слетаа на скопскиот аеродром. Среќни што се дома, но и видно вознемирени. Дел ги преноса сведоштвата. Ова е прв организиран превоз на дел од нашинците што бараа асистенција да се вратат во земјава што го организираше македонската влада со авион на „Ер Србија“...

Уморот од долгиот лет не ја засени среќата на нашинците кои по седум дена неизвесност се вратија во земјава со организиран чартер-лет. Велат, состојбата во Израел е стравична, а евакуацијата – единствено излезно решение по секојдневните сирени и детонации.
Во авионот за Скопје се качија 67 македонски државјани, седум албански и уште толку црногорски како и тројца Бугари. Споделуваат исти искуства по поминатите непосакувани патешествија.
Црногорската амбасадорка во земјава Марија Петровиќ ги пречека патниците за да им посака добредојде. Се заблагодари на македонската влада за помошта и рече оти во услови на војна е исклучително тешко да се организира авионски превоз.
Откако Хамас го нападна Израел, масовно се евакуираат странски државјани.
Засега нема информација кога и како ќе се евакуира брачниот пар лоциран во Газа. МНР во соработка со амбасадата во Каиро, прави напори за нивно безбедно враќање дома.
Анита Димитријевска – Велковска
