Куманово: Мерки за справување со аерозагадувањето
Со поддршка од европски проекти но и со сопствени средства Куманово ќе се справува со аерозагадувањето. Градот ќе добие средства за озеленување, но целта на надлежните е целосна гасификација, вложување во пумпи со висок коефициент на енергетска ефикасност на јавните објекти и институции...

Куманово е меѓу петте градови вклучени во европски проект за справување со загадувањето на воздухот. Општината ќе добие средства за озеленување на градот, но и опрема за училиштата. Анализите треба да покажат на кои локации и кои училишта ќе ја добијат опремата. Градоначалникот Димитриевски пак вели целата е целосна гасификација на градот. Ќе се вложува и во пумпи за загревање со висок коефициент на енергетска ефикасност на јавните објекти институции.
„Вложување дополнително во објектите за енергетска ефикасност, менување на прозорци, врати, фасади, тоа веќе го направивме на голем број јавни установи и институции, училишта и ќе продолжиме со тие трендови“, истакна Максим Димитриевски, градоначалник на Општина Куманово.
Општината со сопствени средства пред неколку години набави и опрема за мерење на квалитетот на воздухот, која е монтирана на пет различни локации. Анализите покажуваат различен степен на загадување.
Куманово во неколку наврати согласно анализите беше најзагаден град во Македонија со ПМ 10 честичките. Општината изби на првото место дури и во светот.
Главниот загадувач во градот според надлежните од општината е општата болница која се затоплуваше на мазут, а главната контролна станица за мерење на квалитетот на воздухот е лоцирана токму таму. Новиот менаџмент на болницата информира дека од оваа сезона затоплувањето ќе биде на гас.
Елена Георгиевска
