Поголемиот број гласови за малцинствата- силна порака за Атина
Рејтингот на партијата на Македонците во Грција бележи пораст во речиси сите места каде што живеат етнички Македонци, па на овие избори тие освоија 1.200 гласови повеќе од минатите во 2009- та...

Двете партии кои што се залагаат за малцинските права во Грција, Македонската и Турската, заедно освоија неверојатни 50.000 гласови и тоа е силна порака за грчката држава, за медиумите и за самите малцинства, вели за МРТ Јоргос Пападакис, еден од кандидатите на „Виножито“ на изборите за Европскиот парламент.
Рејтингот на партијата на Македонците во Грција бележи пораст во речиси сите места каде што живеат етнички Македонци, па на овие избори тие освоија 1.200 гласови повеќе од минатите во 2009- та. Највисока разлика во освоени гласови Виножито оствари во Солун, а потоа и во Кукуш, Сер, Воден, Кожани, Костур итн.
„Ако се земат в предвид сите неправилности, секако дека „Виножито“ се задоволни од порастот од 1200 гласови, вели Пападакис, нагласувајќи дека секогаш може и повеќе“, вели Димитри Јоану од Виножито.
„Во минатите години имаме прием на многу млади луѓе во партијата, кои што секојдневно се активни на интернет просторот и мислам дека тука е разликата од 2009 та и од бројот на освоени гласови. Тие се добиени главно благодарение на новите луѓе кои што се постојано активни. Според тоа, може да се каже и дека тие нови 1200 гласови се во голем дел од млади луѓе кои што ги следат тие активности на нашите нови членови“, смета кандидатот на Виножито, Јоргос Пападакис.
Фактот дека „Виножито“ ќе бидат саботирани беше познат однапред. Традиционално некоректниот третман и нефер атмосферата што почна од денот на распишувањето на изборите, продолжи и на самиот изборен ден. Пападакис вели дека на најмалку 150 избирачки места од Тракија до Крит едноставно немало гласачки листови на „Виножито“, што значи дека граѓаните воопшто не можеле да гласаат за партијата.
Марија Котовска- постојан дописник за МРТ од Атина
