Почна новата реколта тутун
Тутунарите во полето очекувањата се за здрав род. Најголема сигурност се склучените договори со откупувачите...

Почна работата на нива. Тутунскиот расад е добар, влажноста поволна. Прилепското семејство Попантоски почна уште една битка за тутунот.
„Добро е, садењето се одвива нормално, расадот е добар. Очекуваме подобра реколта, повисоки цени“, вели Елизабета Попантоска, тутунопроизводител.
На помош е фамилијата но и сета механизација. Се доцни поради дождовите.
„Со повеќе труд, се направи нивата добра. Малку напомош дојдовме“, вели Сузана Стојаноска.
За семејството Попантоски кое е цел живот по нивите, и овојпат многу ќе зависи од времето, но најмногу од договорите со откупувачите.
„Планираме еден хектар, колку ќе стигнеме, ќе видиме. Најважно за тутунопроизводството е да имаш сигурен договор, сигурен пласман и сигурен откупувач. Сигурен договор имам, проблем немам“, вели Здравко Попантоски, тутунар.
На македонските ниви годинава се очекува производство од околу 25.000 тони, за 25 насто помалку од лани. Од нив, половината во прилепско. Количествата по декар ги ограничуваат откупувачите.
„Кај мене се намалуваат три декари. Во секој случај, ние ќе си работиме, а кога ќе дојде време за откуп- ќе видиме“, вели Здравко Попантоски, тутунар.
Со новиот партнер Филип Морис, прилепскиот комбинат ќе почне, велат, добра земјоделска практика за квалитетно тутунопроизводство.
Откупувачите ги склучија договорите за новото тутунопроизводство. Од инспекторатот велаат дека, се придржуваат на договореното да ги имаат сите лански кооперанти. А за тутунопроизводителите – аирлија да е работата, тутунот да се стори и добро да се плати.
Елизабета Митреска
