Нов шестчасовен рок за евакуација од Појасот Газа
Нов шестчасовен рок за евакуација од Појасот Газа пред копнениот напад што го најави израелската војска. На населението им е дадена конкретна рута по која треба да се движат. Меѓународната заедница од Израел бара дополнително време преминување на југот на Појасот. Според Обединетите нации, жителите на Газа имаат недостиг од храна и лекови.

Израелската армија со нов рок за евакуација во Појасот Газа. Уверуваат дека шест часа нема да бомбардираат во областа. Ги повикаа жителите итно да се преместат во јужниот дел на Појасот. Обединетите нации алармираа дека е неможно да се евакуираат над еден милион жители за краток период.
Предупредуваат дека ваквата состојба може да предизвика хуманитарна катастрофа. Еврокомесарот Борел бара дополнително време за евакуација.
„Претставувајќи ја официјалната позиција на Европската унија, планот за евакуација е крајно, крајно невозможно да се спроведе. Да се замисли дека можеш да преселиш милион луѓе за 24 часа во ситуација како Газа, може да биде само хуманитарна криза“, изјави Жозеп Борел.
Во текот на ноќта и изутрината Појасот Газа беше под постојат напад на израелската армија. Велат, се спроведува операција за чистење на областа од терористи и оружје. Во синоќешната операција е убиен и високиот палестински функционер на Хамас, Мурад Абу Муард, тврди Тел Авив.
Се прават напори и за пронаоѓање на киднапираните. Израелските одбранбени сили се сомневаат дека милитантите на Хамас се наоѓаат во тунели под куќите и станбените згради. Го обвинуваат Хамас дека се обидува да го спречи палестинското население да се евакуирана на безбедно и оти ги користи граѓаните како жив штит.
Маја Стојанова
