Сликарскиот прибор со бои посилен од пепелта

27.05.2014 17:02

Како феникс од пепелта на изгорените бесценети дела на малите ликовни амбасадори од целиот свет, и овојпат изникна малиот битолски Монмартр на кој со уште поголем жар се црта во стилот на препознатливиот бренд. Старата македонска архитектура како и секоја година, најатрактивна за уметниците...

На средината од годинешнава колонија, мирисот на изгорените ликовни дела веќе изчезнува. Ентузијазмот на малите ликовни амбасадори и сликарскиот прибор на дело докажуваат дека се посилни од пепелта. Најмладиот учесник осум годишниот Кени од Хон Конг сеуште е со измешани чувства. Среќен е што му беше доделена честа да го отвори „Монмартар“, но го мачи  помислата дека многу насликани дела во изминативе години повеќе ги нема. Сепак оптимизмот не го напушта.

„Ќе насликам толку многу ликовни дела со кои повторно ќе се гордее нашиот ликовен фонд, а посетителите ке можат да уживаат во нашите идни изложби“,  вели осумгодишниот Лау Кинг Џи од Хон Конг.

Седумдесетина деца од светот дневно сликат по 150 цртежи. Да не падне квалитетот на сметка на квантитетот, најубавите три дела на крајот од денот се наградувани. Но, и без нив имаат визија кое е нивото на овој детски ликовен бренд.

„Кога почнувам да сликам наградата ја сваќам само како предизвик, не ми е најзначајна затоа што делата сами по себе говорат“, вели еден од наградените учесници.

„Наградата е чест, но за мене поважно е тоа што како што изминуваат деновите, ќе се зголемува бројот на ликовноте дела“, вели Елиза Хенту од Битола.

Оптимизмот и ведриот дух на малите ликовни дејци е вистинската терапија и за раководителот на детското студио кој со свои очи гледаше како огнените јазици го голтаат првиот кат на два дена до почетокот на манифестацијата

„Во тие денови бев скептичен, но денес сум толку расположен гледајќи ги децата со каков елан творат и по кој знае кој пат докажуваат дека „Монмртр“ е магијата на детската ликовна уметност вели ликовниот педагог Коста Хаџиантоновски.

Годинешново издание свечено ќе биде затворено в петок. Децата велат дека ќе се разделат со единствената мисла. Догодина да се сретнат пак, но во својата ликовна амбасада овојпат со еден поинаков лик.

Стевче Митревски