Политика

Власта и опозицијата на терен

14.10.2023 16:57

И власта и опозицијата на терен. Избори не се закажани, но сите како да се веќе во кампања. Премиерот и лидер на СДСМ Ковачевски од Прилеп предупреди дека не смее да се дозволи блокада на европскиот пат, зашто тоа ќе нè врати во мрачното минато. Според првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски, оптимизмот на премиерот дека ќе се соберат две третини за промена на Уставот е политикантство. Бара да се разговара за датум за претседателски и парламентарни избори...

ВМРО-ДПМНЕ и Левица имаат единствена агенда, ширење на тензии на национална основа. Ова не води кон европски концепт, туку назад кон 2001-та и изолација смета премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, вели, истите партии што 11 години биле во коалиција со партии од албанскиот кампус и се однесувале како мачиња, сега се правеле лавови. Тој побара Мицкоски јавно да одговори, дали имал средба со Ахмети и за што разговарале.

Мицкоски ја прифати понудата на Ковачевски – работни групи во Собранието да ги договорат датумите за претстојните избори. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ бара веднаш премиерот да назначи претставник од неговиот тим за да не дојде до уставна криза.

Ковачевски не прифаќа предвремени парламентарни избори, кои би се одржале во ист термин со претседателските. Премиерот одби лидерска со Мицкоски, бидејќи рече дека останува на понудата од претходната, ВМРО-ДПМНЕ да гласа за вметнување на бугарите во Уставот, а веднаш потоа да се распишат избори. ВМРО-ДПМНЕ остана на ставот дека нема да гласаат за уставни измени.

 

Викторија Милевска