Министерката Петровска на Балканска лидерска конференција за интеграцијата на Западниот Балкан во ЕУ
Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска учествуваше на втората сесија на Балканската лидерска конференција насловена „Интеграција на Западниот Балкан во ЕУ: предизвици и перспективи“ организирана од Подгоричкиот клуб...

Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска учествуваше на втората сесија на Балканската лидерска конференција насловена „Интеграција на Западниот Балкан во ЕУ: предизвици и перспективи“ организирана од Подгоричкиот клуб, со фокус на перспективите за мир и помирување во Западниот Балкан.
Министерката се осврна на значењето на европската интеграција за земјите од регионот, нивниот просперитет и процесот на помирување, при што укажа на тоа дека интеграцијата е процес кој нè обединува и ни овозможува да развиваме блиска соработка. Петровска го поврза процесот на европска интеграција и помирувањето зашто во суштина Европската Унија е пример за помирување.
Прашањето на евроинтеграцијата е и безбедносно прашање, рече министерката, и посочи на тоа дека ако нема процес на обединување, малициозните и непријателски влијанија на трети држави може да станат повидливи.
Петровска посочи дека процесот на реформи во Унијата, кој е исто така потребен и суштински не треба да го стави процесот на проширување со земјите од Западниот Балкан во втор план зашто тогаш овој процес може да биде невозможен имајќи ги предвид надворешните влијанија и можноста за промена на геополитиката во овие држави која ќе го оптовари овој пат кон ЕУ.
За Северна Македонија, истакна Петровска, 2018 година не беше лесна година, општеството и граѓаните требаа да прифатат промена на уставното име, а тоа се тешки одлуки кои некои политички лидери мора да ги донесат. Овие одлуки, додаде, се болни, но после неколку години се гледа нивната значајност и праведност.
На втората панел-дискусија покрај министерката се обратија и претседателот на Собранието, Талат Џафери, поранешниот претседател на Црна Гора, Филип Вујановиќ, поранешниот претседател на Албанија, Реџеп Меидани, поранешниот претседател на Косово, Фатмир Сејдиу, поранешниот српски премиер Мирко Цветковиќ и претседателот на Институтот за европска и безбедносна политика, Вернер Фаслабенд, стои во соопштението од Министерството.
