Велес

Ставена е во мирување работата на новооткриениот живопис на манастирската црква Св. Димитрија крај Велес

15.10.2023 15:15

Поради недостиг на стручни лица, конзерватори, доволно за работа низ Македонија, ставено е во мирување реставрирањето и конзервацијата на фреските и живописот од црквата Св. Димитрија крај Велес, каде беа пронајдени значајни слики кои фрлаат ново светло за изградбата на објектот.

Недостигот на доволен број стручен кадар, конзерватори, влијае што е ставена во мирување работата на реставрирање на пред неколку години откриениот живопис, на сводот од манастирската црква Св. Димитрија крај Велес. Тој беше откриени есента 2017, на сводот под камбанаријата. Тоа даде нов момент, дека црквата е градена со камбанарија, некаде околу 13 век, далеку порано отколку што дотогаш се мислеше.

При тогашните работи, беше откриена фреска на ктиторот на манастирот, кој во рака ја држи нејзината макета. Тој е раскошна одежда, каде има двоглав орел, симбол користен во Византија а подоцна прифатен од други народи и држави. На сводот од нартексот беа откриени слики од Страшниот суд. Иако се работеше пет години, остана уште доста за работа во манастирската црква, чистење на сводот, работа на живописот од 19 век.

Со реставрацијата на храмот и конзервирањето на фреските, Велес треба да добие нова туристичка понуда, од верскиот туризам, после црквата Св. Пантелејмон.

 

Петар Печков