Нема простор за паника: Водата е безбедна за пиење!
Македонија спаѓа меѓу земјите со квалитетни извори, но, не стивнуваат предупредувањата по поплавите во регинот дека контролите се неопходни...

Квалитетот на водата за пиење не е нарушен по поројните дождови во земјава. Краткотрајните врнежи, иако обилни, не влијаеле на водостојот на реките и на изворите.
„Во изворите во Рашче немаше никаков проблем со поплавување со излевање на реката Вардар, бидејќи е во близина. Квалитетот на водата можам да потврдам дека е на највисоко ниво како што било и претходно пред поројните дождови. Немаше пријавени проблеми дека е пукната цевка, дефект или да е прекинато водоснабдувањето се е во ред“, изјави Бојан Василевски- директор на Водовод.
И од Институтот за јавно здравје тврдат дека водата за пиење е безбедна.
„Мониторингот покажува дека се е во ред, немаме јавување на заматување на водата ни во Скопје, а ниту во Велес. Затоа што во Велес водата за пиење не доаѓа од самиот град, туку од акумулацијата Лисиче, тоа е неколку километри и не беше зафатен со овој пороен дожд“, вели д-р Михаил Кочубовски, Институт за јавно здравје.
Македонија спаѓа меѓу земјите со квалитетни извори, но, не стивнуваат предупредувањата по поплавите во регинот дека контролите се неопходни.
По поплавите во Србија покрај редовните, се спроведуваат и вонредни контроли на водата за пиење. Поројните дождови во земјава не го нарушија квалитетот на водата.
За разлика од кај нас, во соседството нема доволно квалитетна вода за пиење. Тоа особено важи за земјите од Источна и Југоисточна Европа.
Андријана Атанасовска
