Издавништво

Монографијата за „Голобрдски говор“

15.10.2023 14:34

Во областа Голо Брдо во Албанија говорот на жителите по својот фонолошки систем и граматичка структура влегува во составот на македонскиот дијалектен систем. Ова се заклучоците на монографијата „Голобрдски говор“ на професорката по хуманистички науки и македонистика Дијана Петровска. Научниот труд изработен по теренското истражување во оваа област, говори дека дијалектот ја зачувал својата посебност.

Ние сме Македонци од Голо Брдо и си зборуваме на нашки. Ова се најчестите одговори од мештаните од оваа област во Албанија, на прашањето на каков јазик зборувате, како дел од теренското истражување преточено во монографијата „Голобрдски говор“ на професорката Дијана Петровска. Се работи за западно-македонски периферен говор. Постарите го говорат само мајчиниот јазик, а некои го познаваат и кириличното писмо.

Областа Голо Брдо е една од најсиромашните и најмалку развиени општини во Албанија. Луѓето се изложени на политички-општествен и економски притисок, но и покрај се, тие ја имаат зачувано засебноста.

Целта на теренското истражување била да се собере звучен запис на дијалектен материјал и истиот да се запише со современа фонетска транскрипција, според принципите на Македонскиот дијалектен атлас.

Издавањето на монографијата „Голобрдскиот говор“ е финансирано од Министерството за култура, како проект од национален интерес.

 

Зоран Димовски