Ден со хеликоптерска единица на МВР
Интервенции при гаснење пожари, спасувачки мисии – хеликоптерската единица на МВР со полни раце работа...

Хеликоптерската единица на МВР летово имаше полни раце работа. Интервенираше при гаснење пожари, во акции и други спасувачки мисии. МТВ ја посети базата од каде што оперира, се запознавме со капацитетите со коишто располага МВР.
Во базата пристигна и министерот Спасовски, ни кажа дека е направен целосен ремонт и сервисирање на воздухопловите. Сега сите се во функција.
„Прво ги зголемивме човечките капацитети на овој оддел, со вработување нови професионалци, пилоти и на техничкиот персонал и ако бевме единица којашто беше зависна од други институции за да ни помага во одржувањето, сега ние сме институцијата којашто дава помош на другите институции. За првпат се набави опрема и се изврши обука на летечкиот персонал за гаснење на пожари и тоа го направивме на три хеликоптери. Со тоа оваа единица и летечки персонал станаа столбот на заштитата од пожарите“, изјави министерот Оливер Спасовски.
Единицата годинава имаше клучна улога во гаснењето на пожарите, особено оние на непристапни терени. Имаме три хеликоптери од различен тип кои се опремени со современа опрема за изведување вакви мисии. За најбрзо да се стигне до пожарот се дејствува по најкратка маршрута.
„Мора да знаеме кои извори на вода ги имаме и какви се, мора да знаеме правец на ветар, не смееме да влеземе во дим и мора да знаеме правец на далноводи, тие се најголема пречка за гаснење на пожари, зашто ние летаме доста ниско, и секогаш тоа е најголема опасност при гаснење пожари далноводи и бандери“, изјави Ненад Алексовски – началник на полициската хеликоптерска единица.
Хеликоптерот Бел 412, во којшто се наоѓаме има резервоар од 1.500 литри. Се полни за минута ипол до две. Може од која било река или воден извор да нацрпи вода и да замине на жешката точка. Овојпат се полнеше од Бучинци.
Другите хеликоптери мора да се оддалечат и да полнат вода од погодни, подлабоки извори. Ведрото на Бел-212 може да понесе 1.000 литри вода. За брзо да се дејствува во гаснењето на пожарите, пилотите велат дека од голема важност е и координацијата.
„Неопходни ни сè што е можно повеќе информации од самото место, затоа координацијата е значајна зашто мора да имаме контакт со пожарникарите на терен. Иако е тешка комуникацијата сепак ја воспоставуваме, имаме солидна соработка со командирите на противпожарните единици“, изјави Ненад Алексовски – началник на полициската хеликоптерска единица.
Пилотите од полициската хеликоптерска единица го презентираа процесот на гаснење на пожари.
Министерот Спасовски им оддаде признание на пилотите за нивната пожртвуваност и посветеност.
„Затоа што за нив нема работно време, за нив нема можам или не можам, туку едноставно секогаш се ставаат во функција на државата и на граѓаните и секогаш кога имаме тешки и сложени состојби и задачи, за нас можеби и нерешливи, тука се заедно со специјалните тимови на МВР да ги завршат“, изјави Оливер Спасовски – министер за внатрешни работи.
Новина за оваа единица е обезбедувањето целосна медицинска опрема која ќе се монтира во еден од воздухопловите. Со тоа ќе се овозможи, повредените лица да бидат брзо и безбедно пренесени во болница.
Мисијата од којашто бевме дел заврши успешно. Ние заминавме, пилотите и техничкиот тим останаа во базата да се подготват за наредна задача.
Наташа Гркова Петрушевска
