Евакуација

МНР: Македонската брачна двојка во Газа ставена на листа за евакуација

15.10.2023 16:55

Министерството за надворешни работи сè уште работи на извлекување на брачната двојка македонски државјани кои се заглавени во Газа. Тие се наоѓаат на безбедно во градот Кан Јунес, во болница на Црвената полумесечина. Мажот и жената се на листа за евакуација, но, тоа ќе зависи од состојбата на теренот.

Брачниот пар, македонски државјани кој се наоѓа во Газа се на безбедно и се сместени во болница на црвената полумесечина, информира МНР. Со посредство на дипломатско конзуларните претставништва се ставени на официјалната листа за евакуација и се чека да се создадат услови за нивно безбедно заминување, што зависи од состојбата на терен. Двете наши амбасади во Каиро и Тел Авив се во постојана комуникација со надлежните институции на Египет и Израел за евакуација на брачниот пар, кој се наоѓа во градот Кан Јунес на 12 километри од граничниот премин Рафах.

Брачниот пар живее во Израел 30 години, нивните деца не се наоѓаат таму, но се добро и на безбедно место чекаат евакуација, раскажува за МТВ македонецот Љупчо Тасевски кој живее и работи во Тел Авив, а има постојана комуникација со нашинците од завоените подрачја. Според него состојбата во Израел се нормализира и поради тоа многумина не сакаат да се вратат во земјава.

МНР прибира податоци и за евентуално други македонски државјани кои би можело да се затекнати во Газа, за што има отворено и дежурни телефони во МНР и во амбасадата во Тел Авив и во Кајро. Пред неколку дена 67 македонски државјани и неколку странски од Албанија, Црна Гора и Бугарија со чартер-лет од Тел Авив пристигнаа во Скопје.

 

 

Викторија Милевска