Пендаровски во Крушево се обрати по повод Меѓународниот ден на жената од руралната средина
На Меѓународниот ден, создадена платформа за подобрување на економската и социјалната положба на руралната жена. Претседателот Пендаровски признава дека земјава е сè уште далеку од постигнувањето целосна рамноправност на овие жени…

Претседателот Стево Пендаровски денеска во Крушево се обрати на настан по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на жената од руралната средина.
Настанот е во организација на Националната федерација на фармери со поддршка на шведската развојна организација „We Effect“ и Германското друштво за меѓународна соработка – GIZ, со цел подигнување на свеста за важноста и улогата на жените од руралните средини и унапредување на нивната економска и социјална положба во општеството.
Се заблагодари што е од настанот посветен на одбележување на 15-ти октомври – Меѓународниот ден на жената од руралната средина. Денеска, токму со одбележувањето на овој значаен датум и преку овој настан, придонесуваме за подигање на свеста за значењето на придонесот на руралната жена во локалните заедници, но и во општеството во целина. За жал, мораме да признаеме дека во реалноста сè уште сме далеку од постигнувањето на целосна рамноправност на руралната жена на кое било ниво во државата.
Несомнено, ни претстои голема работа за да овозможиме економска самостојност и социјална интеграција на руралната жена. При тоа, неопходен услов е поддршката на женското лидерство и на организациите кои се занимаваат со оваа проблематика.
Гласот на руралната жена, нејзините потреби и проблемите со кои се соочува, треба да бидат чуени, но, и решени. Поддршката на оваа категорија жени не смее да биде декларативна и наменска, како што најчесто е, и не само на меѓународниот ден, туку суштинска и секојдневна. Затоа е потребен ангажман на сите засегнати страни и функционално партнерство меѓу државните институции и граѓанските организации заради вклучување на руралните жени во процесот на одлучување на сите нивоа, со што и самите ќе станат креатори на политиките и иницијативите за подобрување на нивната положба. Едноставно, со други зборови кажано, тие самите треба да одлучуваат за себе и за својата улога во општеството, стои во соопштението од Кабинетот.
