Не запираат меѓусебните напади на израелската војска и Хамас
Не запираат меѓусебните напади на израелската војска и Хамас. Милитантната група презеде одговорност за ракетните напади во северен Израел. Тел Авив тврди дека дел биле уништени, а другите погодиле ненаселени места. Израел ја одложи копнената офанзива во Газа поради неповолните временски услови. Блинкен повторно во посета на Тел Авив...

Израелските одбранбени сили ги продолжија воздушните напади врз Газа. Биле погодени воени цели, главно во северниот дел на Појасот. Врз основа на разузнавачките извештаи, командант на јужниот округ за национална безбедност на Хамас е убиен.
„Нашата одговорност сега е да влеземе во Газа, да ги преземеме местата каде што Хамас е сместен, активен, се подготвува и лансира. Треба да удриме силно, секое место, секој командант, секој борец, да ја уништиме инфраструктурата. Со еден збор, да победиме“, изјави Херзи Халеви, началник на штабот на Израелските одбранбени сили.
Државниот секретар на САД одново во посета на Израел. Претходно, група сенатори од Тел Авив упатија силна поддршка во битката против Хамас. Пентагон нареди прераспоредување на уште еден носач на авиони во источен Медитеран.
„Јас, заедно со моите колеги овде, ќе ги водам напорите во Сенатот на Соединетите Држави да му ја обезбедиме на Израел потребната поддршка за целосно да се одбрани од овој монструозен напад“, изјави сенаторот Чак Шумер, лидер на мнозинството во Сенатот.
Апелите од меѓународната заедница за запирање на воените дејствија, не запираат. САД тврдат дека Тел Авив го вратил водоснабдувањето во Газа, Палестинците и хуманитарците велат оти сè уште нема вода.
„Ситуацијата е тешка, загрижувачка, сериозна. Израел има право да се брани од монструозноста на Хамас и опасноста што ја претставува. Нејзиниот одговор мора да биде цврст, тој мора да биде фер. Мора да биде силен и во согласност со меѓународното право и да го зачува цивилното население“, порача министерката за надворешни работи на Франција, Катрин Колона.
Премиерот Нетанјаху претседаваше со првиот состанок на вонредниот владин кабинет на земјата. Претходно ги посети семејствата на киднапираните Израелци. 150 луѓе и натаму се заложници на Хамас, по нападите изминатата сабота. Генералниот секретар на ООН повика на нивно итно ослободување.
„Ги видов нашите борци кои сега се на линијата на фронтот, тие знаат дека цела нација стои зад нив. Ја разбираат големината на задачата. Тие се подготвени да се вклучат во акција во секој момент. Ако Хамас мислеше дека ќе се распаднеме, тогаш не, ќе го растуриме Хамас“, изјави израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху.
Во меѓувреме, расте тензијата на либанско-израелската граница. Хезболах истрела ракети, а израелските сили одговорија со гранатирање. Седиштето на мировната мисија на ООН во јужен Либан, во крајбрежниот град Накура, беше погодено со ракета, нема повредени. Израелското Министерство за одбрана објави план за евакуација на цивилите кои живеат на два километри од границата со Либан, поради честите ракетни напади во последните денови.
Маријана Димовска
