Позната локацијата на девојчињата што ги киднапира Боко Харам
Началникот истакна дека воената операција за спасување на киднапираните девојчиња мора да се изведе крајно професионално и внимателно и дека крајот се ближи...

Нигериската војска соопшти дека ја знае точната локација на 300-те девојчиња кои беа киднапирани на 14 април од исламистичките екстремисти. Сепак, дејствува внимателно бидејќи се стравува оти употребата на сила би можела да биде кобна за животите на девојчињата.
„Добрите вести во врска со девојчињата се дека знаеме каде се, но не можеме да ви кажеме. Само оставете не на мира, работиме на случајот. Ќе ги вратиме девојчињата“, изјави Маршал Алекс Баде, началник на генералштабот на нигериската војска.
Началникот истакна дека воената операција за спасување на киднапираните девојчиња мора да се изведе крајно професионално и внимателно и дека крајот се ближи.
„Во западна Африка е присутна Ал Каеда и 100 насто знаеме дека тие сакаат да ја дестабилизираат земјата. Ние мора да ја ослободиме нашата земја од таквите мрачни сили“, вели Маршал Алекс Баде, началник на генералштабот на нигериската војска.
Од вкупно 276 киднапирани девојки, 53 успеале да избегаат. Претходно терористичката организација Боко Харам објави видеоснимка со киднапираните девојчиња,нагласија дека ги преобратиле во исламска религија и дека нема да бидат ослободени се додека не бидат пуштени сите заробени припадници на организацијата.
Се заканија и дека имаат намера да ги продадат како робови. Масовното киднапирање се случи во истиот ден со бомбашкиот напад на Абуџа, во кој загинаа повеќе од 75 луѓе.
Марина Автовска
