Израел-Хамас

Залихите на храна, вода и лекови на Газа се намалуваат, болниците на раб на колапс

16.10.2023 12:08

Не запираат нападите врз северниот дел на Газа. Светот се надева оти меѓународните посредници се поблиску до хуманитарен прекин на огнот. Залихите на храна, вода и лекови на Газа се намалуваат. Болниците се на работ на колапс. И натаму неизвесна судбината на заложниците што Хамас ги зема во почетокот на нападите измината сабота...

Израелските одбранбени сили ги продолжија воздушните напади врз Газа. Биле погодени воени цели – главно во северниот дел на Појасот. Цистерни под знамето на ООН влегоа во Египет од Газа за да земат гориво за опколената енклава. Се погласни се тврдењата дека американските и меѓународните посредници се блиску до постигнување договор за хуманитарен прекин на огнот што ќе овозможи помош и ќе им дозволи на странците да излезат од територијата преку преминот Рафах.

„Хамас продолжува да ги спречува Палестинците да се евакуираат на југ од северниот дел на енклавата. Министерот за одбрана го одобри план за евакуација на Израелците кои живеат до 2 километри од северната граница на Израел“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската одбрана.

Залихите на храна, вода и лекови на Газа се намалуваат пред очекуваната копнена инвазија. Болниците се на работ на колапс.

„Бројот на луѓе кои бараат засолниште во нашето училиште и другите објекти на југ е апсолутно огромен и веќе немаме капацитет да се справиме со нив. Невидена хуманитарна катастрофа се одвива пред нашите очи“, изјави Филип Лазарини, комесар на Агенцијата на ООН.

Државниот секретар на САД одново во посета на Израел. Апелите од меѓународната заедница за запирање на воените дејствија не запираат. Претходно група сенатори во Тел Авив упатија силна поддршка во битката против Хамас. Пентагон нареди прераспоредување на уште еден носач на авиони во источен Медитеран.

„Во однос на Рафа, имав многу добар разговор со египетскиот) претседател Ал-Сиси. Египет даде многу материјална поддршка за луѓето во Газа и Рафа ќе биде отворена. Соработуваме со Обединетите нации, со Египет, со Израел, со другите“, изјави Ентони Блинкен, државен секретар на САД.

Премиерот Нетанјаху претседаваше со првиот состанок на вонредниот владин кабинет на земјата. Претходно ги посети семејствата на киднапираните Израелци. 150 луѓе и натаму се заложници на Хамас по нападите изминатата сабота.

„Ги видов нашите борци кои сега се на линијата на фронтот, тие знаат дека цела нација стои зад нив. Ја разбираат големината на задачата. Тие се подготвени да се вклучат во акција во секој момент за Ако Хамас мислеше дека ќе се распаднеме – тогаш не: ќе го растуриме Хамас“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

Во меѓувреме, расте тензијата на либанско-израелската граница. Хезболах истрела ракети, а израелските сили одговорија со гранатирање.

 

Маријана Димовска