Украина

Путин го повика Киев да го поништи Указот за забрана за преговори и да почне дијалог за примирје

16.10.2023 12:43

По конфликтот во Израел, војната во Украина во втор план на светската јавност. Путин го искористи моментот – во повика Киев да го поништи Указот за забрана за преговори и да почне дијалог за примирје. Но, Украина е непоколеблива во одбраната на својата земја. Останува поддршката и од сојузниците САД и ЕУ. Ние сме моќна нација, можеме да се грижиме и за двете држави, вели американскиот претседател Бајден...

Иако по конфликтот на Блискиот Исток меѓу Израел и милитантите на Газа, војната во Украина е ставена во втор план на светската јавност – на терен жестоките борби не престануваат. Руските сили извршија напади од повеќе правци користејќи беспилотни летала и балистичко оружје. Киев тврди – соборени се 11 дронови и два проектила. И рускиот претседател Путин го користи моментот на криза во арапскиот свет. Повика – Украина доколку сака мир да го поништи Указот со кој се забрануваат преговори и да почне дијалог. Тврди оти украинската контраофанзива не ги постигнала посакуваните резултати.

„Тие почнаа активни воени акции, таканаречена контраофанзива. Сè уште нема резултати. Има само огромни загуби во однос од еден до осум приближно“, изјави Владимир Путин, претседател на Русија.

Сепак, Киев не се предава, продолжува со решителноста за одбрана на земјата. Зеленски вели оти терористите како Путин и Хамас кои се обидуваа да ги држат како заложници слободните и демократски нации – мора да бидат поразени. Останува и недвосмислената поддршката на моќните сојузници – САД и ЕУ.

„Ние сме најмоќната нација во историјата на светот. Можеме да се грижиме за двете држави и сè уште да ја одржуваме нашата севкупна меѓународна одбрана. Кога се кандидирав, реков, светот е на пресвртница. Замислете што ќе се случи ако, всушност, ги обединиме сите во Европа, а Путин конечно се спуштени на ниво каде што не може да предизвикува проблеми. Имаме огромни можности да го направиме светот подобар“, изјави Џозеф Бајден, претседател на САД.

„Европската унија отсекогаш била и мора да биде непоколеблив поборник за мир и почитување на меѓународното право, како во случајот со руската агресивна војна против Украина. Ние мора да се справиме со сите овие итни предизвици заедно во единство, во согласност со договорите и со нашите фундаментални вредности. Повторно нашето единство е нашата сила“, изјави Шарл Мишел, претседател на Европскиот совет.

Руска делегација која ја предводи претседателот Путин денеска е во посета на Кина. Министерот за надворешни Лавров, пак, најави оти неделава оди во Северна Кореја, неколку дена откако Белата куќа објави сателитски снимки со пратка за Русија од илјада контејнери воена опрема за која тврди дека е севернокорејска.

 

Маја Д. Стојанова