Битола

Фатени дилери на дрога во Битола, заплената во вредност од речиси 10 илјади евра

16.10.2023 12:46

Полициски службеници од криминалистичката полиција при СВР Битола, во вчерашната пообемна акција поткрепена со судски налози, во домовите на двајца познати дилер заплениле поголема количина на кокаин и речиси 10 илјади евра. За последниве девет месеци секторот поднел 86 кривични пријави за 90 лица кои вршеле трговија со најразлични наркотични средства...

Полициски службеници од криминалистичката полиција при СВР Битола од слобода ги лишиле 42 годишниот М. С и 30-сет годишната С. К и двајцата од Битола откако по пообемната акција извршена на повеќе локации при извршениот претрес во нивните домови со судска наредба била пронајдена и одземена поголема количина на кокаин и валута во висина од околу 10.000 евра.

Од битолската полиција велат дека оваа акција е позначајна, бидејќи се прекинува еден ланец за продажба на кокаин. Инаку, напорите во спречувањето на злото на денешницата ги поткрепуваат и со сработеното во оваа година.

Ваквите информации со загриженост ги примаат повозрасните, кои и самите почувствувале дека особено младата популација е сериозно загрозена.

Тие се едногласни во поддршката, полицијата уште пожестоко да тргне во откривање на поголемите дилери, но рака на внимание да стават и родителите доколку не сакаат нивните деца да влезат во канџите на белата чума.

 

Стевче Митревски