Куманово

Армијата ќе продолжи да се опремува

16.10.2023 13:24

Со воена свеченост во касарната „Боро Менков“ во Куманово се одбележа денот на Командата за операции. Обраќајќи се пред присутните министерката Петровска информираше дека ќе продолжи опремувањето на Армијата. Ќе се работи и на подобрување на способностите и борбената готовност …

Армијата ќе продолжи да се опремува со нова, модерна и софистицирана воена опрема. Секој еден припадник на единиците во Командата за операции, тоа го заслужува, истакна министерката за одбрана Петровска на воената свеченост во касарната „Боро Менков“ во Куманово по повод Денот на единицата. Рече дека припадниците на Армијата од кои најголем дел се од командата, учествуваат во заедничките вежби со сојузниците, и даваат придонес кон колективната безбедност. Нагласи дека македонската aрмија е вистинска НАТО Армија која работи согласно највисоките стандарди на Алијансата.

„Во буџетот кој веќе е во фаза на планирање за следната година, се издвојуваат 2 проценти од бруто-домашниот производ за Одбраната, а веќе една третина ќе биде и понатаму наменета од тој буџет за продолжување на процесот на модернизација“, истакна Славјанка Петровска, министерка за одбрана.

Командата за операции како еден од главните столбови на одбраната на вооружените сили на Aрмијата работи и на подобрување на способностите и вештините на составите од областа на операциите и борбената готовност. Се реализираше и најголемата вежба „Брз одговор 23“.

„КО ќе продолжи со посилно темпо кон оптимизирање на плановите, обуката и вежбите со цел подобрување на борбената готовност и испорачување на борбено способни единици кои ќе бидат спремни и кредибилни за распоредување во операции надвор од РСМ“, рече Бесник Емини, командантот на КО, бригаден генерал.

Припадниците на командата даваа и поддршка на полицијата за справување со мигрантската криза, но учествуваа и во справувањето со природните катастрофи кои ги погодија градовите низ државата.

За ден на командата за операции е определен 17-ти октомври како еден од значајните историски настани врз кои се темелат традициите на Армијата, кога во 1887 година, во селото Кресна е формиран Штабот на Македонско-Кресненското востание.

 

Елена Георгиевска