Аутизам

Семејствата на децата со аутизам незадоволни од вклученоста во општеството

16.10.2023 13:10

Вистински предизвик е животот на децата со аутизам, но и на нивните родители, бидејќи нема систем во државата кој им помага полесно да се вклучат во општеството. Ирена, мајка е на дете со аутизам, повеќе од една деценија се бори со стереотипите...

Повеќе од една деценија Ирена се бори со стереотипите, мајка е на дете со аутизам. Кан има 14 години и со образовен асистент редовно оди на училиште. Музиката му е омилено хоби, сака да свири и да пее, а преку омилените ликови ги учи новите животни вештини.

Ирена вели дека државата не се грижи доволно за децата со аутизам. Клучна е психолошката поддршката на родителите, која не ја добиваат од институциите.

„Ти не смееш да го пуштиш тој родител без да му речеш, чекај малку, ако сме ти дале дијагноза за ова, ова е следното што треба да го правиш, тебе те праќаат дома и ти велат оди на логопед, оди на дефектолог и пиј некакви апчиња. Родителите треба да се опфатат системски, затоа што тие го имаат најголемиот капацитет да создадат подобар живот за тоа дете. Не можат тие да бидат неуки или да бидат самоуки како јас, научив три факултети само за да му помогнам на моето дете“, вели Ирена Лозано, мајка на дете со аутизам.

Има примери кога младите луѓе со аутизам се запишуваат во училиште по двапати, само за да имаат каде и со кого да се дружат. Поради отсуство на системска грижа, семејствата се иселуваат од државата. Доколку пак, овие деца покажат агресија, родителите нема каде да ги однесат за да добијат помош, завршуваат во психијатриска болница или во затвор.

„Може да го однесете на психијатрија, но тоа е далеку од решението. Дупката која предизвикува вакви однесувања ја правиме уште кога можеме да ги увидиме сензорните потешкотии на тоа лице, да можеме да ги надминеме, адекватни третмани, не зборувам само за логопед, дефектолог, начин на однесување и така натаму, има нешта кои ние комплетно ги промашуваме“, вели Ирена Лозано.

Последица од отсуството на системска грижа е и случајот со 17-годишното момче со аутизам за кое родителите обвинија дека било врзувано и изложено на нехуман третман во психијатриската болница во Демир Хисар. Државниот санитарен и здравствен инспекторат не најде пропуст во третманот. Истрага за случајот најави и народниот правобранител.

Андријана Ѓурческа