Собрание

Случајот со Онкологија пред собраниска Комисија за финансирање и буџет

16.10.2023 16:22

10 години државниот ревизор укажувал на пропусти во Клиниката за онкологија, но никој не сфатил сериозно. Денеска продолжи собраниската расправа за случајот каде што постојат сомнежи дека се делела терапија под рака, а била наменета за болните од рак. Утре со работа продолжува и Анкетната комисија каде на жешкото столче ќе седне министерот за здравство Меџити и поранешниот министер Филипче...

Со едвај десетина присутни пратеници, продолжи дебатата за скандалот на Онкологија на Комисијата за финансирање и буџет. Половината од парламентарците со жестока расправија и прашања до државниот ревизор околу наводите во извештајот за работењето на Клиниката.

За пратеничката Жаклина Пешевска од ВМРО-ДПМНЕ, лошото работење на онкологија може да биде причина и за зголемениот број на заболени од рак на дојка кој во 2022 бил со рекордни 356 жени.

Ризикот од монопол при набавка на терапија е нешто што треба веднаш да се адресира нагласи државниот ревизор Ацевски и соопшти дека се доставени дополнителни заклучоци до Собранието кои се однесуваат на овој проблем и на проблемот со набавена опрема која не е во функција. Тој рече дека 10 години никој не реагира на извештаите на ревизорот кој упатуваат на низа недоследности.

За пратеникот Минов, неговите колеги од опозицијата се обидуваат расправата да ја насочат кон вина на актуелната владејачка гарнитура со квалификации. Тој е дециден дека одговорност ќе има.

Од утре продолжува анкетната комисија која ќе расправа на истата тема, за случајот со Онкологија.

 

Катерина Топалова