Освен оценка на уставноста за солидарниот данок, Стопанската комора бара и времена мерка
Уставниот суд оформи предмети за оспорување на Законот за солидарност, но веројатно нема да донесе ниту одлука ниту времена мерка до датумот кога треба компаниите да почнат да плаќаат на државата. Тоа според изјавите на вицепремиерот Битиќи во изминатиот период, значи дека Стопанството ќе мора да го почитува законот.

Компаниите кои минатата година оствариле поголем приход најверојатно ќе мора да плаќаат солидарен данок. Покрај оценка на уставноста за солидарниот данок, Стопанската комора бара и времена мерка. Иницијативата е поднесена на 12-ти месецов, а стопанството бара токму поради кратките рокови предвидени во законот, да се донесе мерка со цел да се спречат евентуални последици кои потоа потешко може да се санираат. Од Уставен суд велат дека судот допрва ја почнува постапката и ќе ги испитува наводите во двете иницијативи. Од друга страна пак, рокот за плаќање на оваа даночна обврска истекува на 25 месецов.
„Оформени се два предмета по поднесени иницијативи во кои е оспорен законот во целина. Ова значи дека Уставниот суд допрва ја почнува постапката и ќе ги испитува наводите во двете иницијативи. На прашањето дали Уставниот суд ќе донесе времена мерка за да го стопира спроведувањето на законот, информираме дека согласно деловникот за работа во оваа фаза од постапката, Уставниот суд не одлучува одделно само за времената мерка, туку кога ќе се расправа и одлучува по главниот предлог во врска со предметот, се вели во соопштението од Уставен суд.
Од Комората велат дека овој закон го обедини бизнис-секторот како никогаш до сега.
Обврска за плаќање на „солидарниот“ данок ќе имаат компании кои во 2022 година оствариле приход поголем од 615.000.000 денари. Инаку, на веб-страницата на комората поддршка за иницијативата дале над 200 компании, меѓу кои има мали, големи и средни, па дури и со странски капитал. Неодамна вицепремиерот Битиќи рече дека обврската за компаниите останува сè додека највисоката судска инстанца не се изјасни.
Ана Јосифовска Тодоровска
