Израел-Хамас

Бајден утре во посета на Израел

17.10.2023 09:43

Американскиот претседател Бајден за утре најави посета на Израел. 11 дена од крвавиот конфликт меѓу Израел и милитантите на Хамас. Загинаа над 2 илјади и 800 Палестинци и илјада и 400 Израелци. Гранатирањата на Газа не престануваат, премините во појасот сè уште затворени. Хамас објави видеоснимка од заложниците. Сè уште не е потврдена автентичноста...

Продолжуваат битките во Газа. Сирените за воздушен напад се огласија синоќа и во Ерусалим и Тел Авив. Хамас лансираше ракети со долг дострел од Појасот. Членовите на Кнесетот мораа да се евакуираат во засолништа. Американскиот државен секретар Блинкен по посетата на арапските земји повторно се сретна со израелските власти. Потврди, претседателот Бајден утре ќе го посети Израел. Пентагон им наредил на околу 2.000 американски војници да се подготват за потенцијално распоредување во Израел за медицинска и логистичка поддршка.

„Тој доаѓа овде во критичен момент за Израел, за регионот и за светот. Претседателот ќе ја потврди солидарноста на САД со Израел и нашата железна посветеност на неговата безбедност. Претседател Бајден ќе ја нагласи нашата кристално јасна порака до кој било актер, држава или недржава што се обидува да ја искористи оваа криза за да го нападне Израел“, изјави Ентони Блинкен, државен секретар на САД.

Хамас објави видео од 21-годишна израелска заложничка која се чини дека претрпела повреда на раката. Портпаролот на вооруженото крило на Хамас рече дека држат меѓу 200 и 250 заложници, вклучително и странци, кои планираат да ги ослободат во соодветно време.

„Потврдуваме дека имаме група затвореници од различни националности. Тие беа донесени за време на битката. Во тоа време немаше можност да се потврди нивниот идентитет. Затоа, сметаме дека ова се наши гости и бараме да ги заштитиме и се надеваме дека тие ќе останат безбедни со оглед на варварската агресија на Појасот Газа“, изјави Абу Обеида – Хамас, од бригадата Касам.

Резолуцијата поддржана од Русија, која повикува на итен прекин на огнот во војната во Газа, беше отфрлена на седница на Советот за безбедност на Обединетите нации.

„Сметаме дека денешното гласање во Советот за безбедност е многу демонстративно. Тоа јасно покажува кој е за примирје за да се запре неселективно бомбардирањето и обезбедувањето хуманитарна помош“, изјави Василиј Небензија, руски амбасадор во ООН.

„Руската резолуција изнесена без никакви консултации не го спомнува Хамас. Русија и дава покритие на терористичката група која брутализира невини цивили. Тоа е срамота. Тоа е лицемерно“, изјави Линда Томас-Гринфилд, амбасадор на САД во ООН.

Нема безбедно место во целиот Појас Газа, предупредува шефот на една од единствените хуманитарни организации кои сè уште имаат база во Газа.

„Повеќе од половина од населението во Газа се многу млади, на возраст под 16 години. Тие се деца. Семејства. Имаше бомбардирање на конвои, се евакуираат на југ. Имаме повреди и во Кан Јунис, така што нема безбедно место во целиот Појас Газа“, изјави Марван Џилани, генерален директор, палестинска Црвена полумесечина.

ЕУ најавува хуманитарен воздушен коридор за помош на погодените во Појасот.

 

 

Маријана Димовска