Американскиот Конгрес го поддржува проширувањето на НАТО
Американскиот Конгрес усвои законски акт за финансиска поддршка на потпишаната Резолуција од 40 конгресмени за прием на Македонија во НАТО. Со најновиот амандман, конгресмените дадоа повторно поддршка за проширувањето на Алијансата...

Комитетот за закони во американскиот Конгрес одобри финансиски средства за поддршка на проширувањето на НАТО и во 2015-та. Петтмина конгресмени поднесоа амандман на актот 4435, во кој се наведува:
„Го изразуваме чувството на Конгресот за признавање на важноста на НАТО и иницијативите за проширување што се во тек. Соединетите Американски држави ќе продолжат континуирано да ги поддржуваат европските сојузници.“
„Јас и моите колеги се обидуваме идејата за проширувањето со Македонија, Грузија или некој друга земја што сака да се приклучи, да ја туркаме напред. За жал понекогаш во големи групи или организации како НАТО е тешко да се мрдне од статус кво. Тоа е нашата задача овде, да продолжиме да бараме од Стејт Департментот да се движи кон проширувањето и да ги охрабри нашите сојузници да ја разберат важноста на проширувањето. Се надеваме нашето писмо и дискусиите со државниот секретар ќе не придвижат напред. Можеби ова се уште е долг процес, но ние сме многу посветени на него“, вели Адам Киѕингер- Конгресмен Републиканец од Илиноис.
Оперативниот акт број 4435 се однесува на сите воени операции и активности на американскиот Департмент за одбрана во идната фискална година.
40 американски конгресмени пред 2-3 месеци потпишаа Резолуција со која се бара прием на Македонија во НАТО на престојниот самит на Алијансата во септември во Кардиф, Велика Британија.
Ирина Гелевска- постојан дописник за МРТ од Вашингтон
