туризам

Ќе се менува визуелниот лик на старото градско јадро на Охрид

17.10.2023 12:13

Охридското старо градско јадро и чаршијата од наредната недела ќе започнат да го менуваат досегашниот изглед. Шаренилото од огласни и рекламни табли ќе биде заменето со унифицирани табли, изработени од соодветен материјал и бои кои му доликуваат на заштитено подрачје. На тој начин се исполнува и една од препораките на УНЕСКО-да се работи на визуелниот изглед на овој дел од градот …

Стариот дел на Охрид и чаршијата од наредната година ќе добијат нов лик. Почитувајќи ги препораките на УНЕСКО за промена на визуелниот изглед на тој простор Советот на Општината донесе Правилник за стандардизација и визуелна унификација кој ќе стапи на сила на 1 јануари. Проектот ќе започне наредната недела со поставување на нови огласни табли.

Таблите и другата урбана опрема ќе бидат изработени согласно светските стандарди за стари градски јадра.

На тој начин ќе се расчисти шаренилото од различни огласни и рекламни табли во заштитениот дел на градот.

„Нашата прва активност за оваа година во рамките на програмата на одделението за локален економски развој е менување на огласните табли на двете улици: Цар Самуил и Коста Абраш, почнувајќи од Света Софија до градскиот плоштад. Она што посебно би сакал да го напоменаме огромната поддршка и соработка којашто ја добивме од населението“, изјави Ѓоко Апостолов-раководител на ТЛЕР-Општина Охрид.

Таблите се само првата фаза од проектот кој предвидува и поставување нова урбана опрема како што се масите, столиците, тендите, чадорите за сонце, клупите па дури и кантите за отпад пред угостителските објекти и домовите, кои ќе бидат изработени од соодветен материјал, форми и бои.

„Како што можете да видите од самата документација тие се изработени значи во формат којшто соодветствува на самиот амбиент тука и со тоа значи како главна цел е да се добие една унификација на излозите и дуќаните и на сите објекти што имаат одреден вид огласни табли. Тука нормално влегуваат и објектите кои се под заштита на Завод и Музеј“, додаде Апостолов.

Подолгорочно ќе се работи и на излозите во охридската чаршија со цел да се врати некогашниот автентичен изглед на тој простор.

 

Сашо Нелоски