Терористички напад во Брисел, напаѓачот убиен
Европа во шок по терористичкиот напад во Брисел. Убиецот на двајцата фудбалски навивачи од Шведска застрелан во полициска акција додека седел во кафуле. Пронајдено и оружјето...

По интензивна потрага, во полициска акција е застрелан 48-годишниот осомничен за убиството на двајцата шведски државјани во Брисел. Напаѓачот Абдесалам А. со туниско потекло, кој во Белгија престојувал илегално, е убиен во кафуле. Оружјето кое било пронајдено кај него е истото со кое го извршил злосторството. Белгиската полиција нападот го оквалификува како терористички.
Федералното јавно обвинителство ја води истрагата како потенцијален терористички напад. Вечерта на социјалните мрежи беше објавена порака од лице кое тврди дека е напаѓачот. На видеото, тврдеше дека е член на исламска држава и ја наведе шведската националност на жртвите како мотив за напад. Решивме да го подигнеме нивото на закана на четврти степен на целата територија на Брисел“, изјави Александер Де Кро, премиер на Белгија.
Терористичкиот напад се случи за време на фудбалскиот натпревар меѓу Белгија и Шведска за квалификации на Европското првенство наредната година. Мечот беше прекинат на полувремето, а илјадниците навивачи неколку часа беа задржани на стадионот.
„Ја добивме информацијата онлајн. Белгиската Фудбалска федерација испрати порака да не го напуштаме стадионот, останете внатре има терористички напад“.
„Го гледавме натпреварот, а потоа ни рекоа дека тој се прекинува, дека станиците на трамваите и метроата се затворени и дека треба да чекаме за повеќе информации. И сега конечно не евакуираа“.
Во Италија, пак, е спречен планиран тероростички напад. Специјалните полициски единици уапсија италијански државјанин со египетско потекло под обвинение дека поттикнувал тероризам. По ескалацијата на конфликтот меѓу Израел и милитантите на Хамас и бранот пропалестински протести, во најголемиот број светски метрополи е подигнато нивото на безбедност.
Маја Д. Стојанова
