Шкариќ: Амнестијата е од нужда, но се навлегува во судската власт и страдаат уставното и кривичното право
Состојбата во македонските затвори е загрижувачка. Казнено-поправните установи се пренатрупани. Правници укажуваат дека амнестијата на сторителите на полесни кривични дела може да ја олесни ситуацијата, но дел од нив не се сигурни дека со ова се решава проблемот со издржување на казните во достоинствени услови. „Амнестијата е нужда, но се навлегува во судската власт и страда правото“, предупреди професорот Шкариќ...

Амнестијата е нужна, затворите се пренатрупани, но страдаат уставното и кривичното право, бидејќи Собранието навлегува во судската власт – дециден е професорот по уставно право Светомир Шкариќ. Долгите судски постапки, меѓу кои има некои што траеле по 10 години, сега ќе паднат во вода. Вели, со вакви закони се уништува судството.
„Собранието преку овој закон игра улога на суд. И тоа суд кој суди по кратка постапка. И веројатно без поголема поддршка. Сега имаме парадокс – судски постапки кои траат долго време, бидејќи тоа го бара правдата, некои траат и по 10 години, се води сметка обвинетиот да дојде до израз, да го каже своето мислење. Судијата размислува врз основа на докази каква пресуда да донесе. И одеднаш законот ја укинува таа правосилна пресуда па дури има намера и да ја избрише. Целиот тој судски труд паѓа во вода“, изјави Светомир Шкариќ, професор по уставно право.
Според Шкариќ, правнички исправно е криминалците под надзор да вршат одредена корисна работа место да бидат ослободени, но за тоа треба да се променат постојните закони.
Дека затворите во земјава се под меѓународните стандарди – согласен е и академик Владо Камбовски, но вели Парламентот треба да носи Закон за амнестија само кога има оправдани причини.
„Причините може да бидат различни – да се поправат одредени неправедни ситуации, кога е донесен некој поблаг закон, затворите да се релаксираат ако нема соодветни услови, па дури и политички причини, во случајов Собранието даде аргументи, а главниот е пренатрупаноста на затворите. Само околу 1.500 кај нас се осудуваат на казна затвор, додека за околу 3.500 казните затвор се условни“, изјави Владо Камбовски, академик.
Поранешната судијка во Судот во Стразбур Маргарита Цаца-Николовска не е сигурна дека со амнестијата ќе се надминат проблемите со македонските затвори. Според неа, нејасно е кои кривични дела ќе бидат опфатени во законот, побара место политичка, за проблемите да има стручна дискусија.
„Еден дел ќе се ослободат, но државата мора да размислува на друг начин да овозможи извршувањето на казните да биде на достоинствен и соодветен начин. Треба да се види во кој дел и кој однос и која ситуација ја покрива. Не може се да се покрие со амнестија“, изјави Маргарита Цаца – Николовска, поранешна судијка во Судот во Стразбур.
Според предложениот Закон за амнестија, ќе бидат опфатени околу 10 проценти од сите осуденици во земјава.
Андријана Ѓурческа
