Расте бројот на жртви и повредени во Појасот Газа
Продолжуваат борбите во Појасот Газа, но не запираат дипломатските напори да се најде решение за кризата. Убиен е уште еден лидер на Хамас. Американскиот претседател Бајден утре ќе пристигне во Израел. Европскиот совет одржува вонреден онлајн самит. Во Советот за безбедност на Обединетите нации не помина руската резолуција за прекин на огнот…

Единаесетти ден од конфликтот меѓу израелската армија и Хамас. Продолжуваат борбите во Појасот Газа. Расте бројот на жртви и повредени. Сирените за воздушен напад се огласија и во Ерусалим и Тел Авив. Хамас лансираше ракети со долг дострел од Појасот. Американскиот државен секретар Блинкен имаше втор круг состаноци во Израел за помалку од една недела. Потврди, претседателот Бајден утре ќе го посети Израел. Пентагон им наредил на околу 2.000 американски војници да се подготват за потенцијално распоредување во Израел за медицинска и логистичка поддршка.
„Тој доаѓа овде во критичен момент за Израел, за регионот и за светот. Претседателот ќе ја потврди солидарноста на САД со Израел и нашата железна посветеност на неговата безбедност. Претседателот Бајден ќе ја нагласи нашата кристално јасна порака до кој било актер, држава или недржава што се обидува да ја искористи оваа криза за да го нападне Израел“, изјави државен секретар на САД, Ентони Блинкен.
Резолуцијата поддржана од Русија, која повикува на итен прекин на огнот во војната во Газа, беше отфрлена на седница на Советот за безбедност на ООН.
„Сметаме дека денешното гласање во Советот за безбедност е многу демонстративно. Тоа јасно покажува кој е за примирје, за да се запре неселективно бомбардирањето и обезбедувањето хуманитарна помош“, изјави рускиот амбасадор во ООН, Василиј Небензија.
„Руската резолуција, изнесена без никакви консултации, не го спомнува Хамас. Русија и дава покритие на терористичката група која брутализира невини цивили. Тоа е срамота. Тоа е лицемерно“, изјави Линда Томас-Гринфилд, амбасадор на САД во ООН.
Хамас објави видео од 21-годишна израелска заложничка. Портпаролот на вооруженото крило на Хамас рече дека држат меѓу 200 и 250 заложници, вклучително и странци, кои планираат да ги ослободат во соодветно време.
„Потврдуваме дека имаме група затвореници од различни националности. Тие беа донесени за време на битката. Во тоа време немаше можност да се потврди нивниот идентитет. Затоа, сметаме дека ова се наши гости и бараме да ги заштитиме и се надеваме дека тие ќе останат безбедни со оглед на варварската агресија на Појасот Газа“, рече Абу Обеида – Хамас, од бригадата Касам.
Неопходно е да се спроведе копнена офанзива, велат од кабинетот на премиерот Нетанјаху.
„Нашата цел е да ја уништиме воената машинерија на Хамас во Газа и да ја разбиеме нивната политичка структура. Ќе се обидеме да ги минимизираме жртвите. Присуството на цивили не може да му даде имунитет на Хамас“, изјави Марк Регев – виш советник на израелскиот премиер.
Светската здравствена организација соопшти дека е потребен итен пристап до Газа за да достави помош и медицинска опрема. Преминот Рафах кон Египет и натаму затворен. ЕУ најави хуманитарен воздушен коридор за помош на погодените во Појасот. Тензиите продолжуваат и во граничната област меѓу Либан и Израел. Израелските воздухопловни сили извршија воздушни напади во текот на ноќта врз цели на Хезболах.
Маријана Димовска
