Брисел

Неутрализиран напаѓачот од Брисел

17.10.2023 14:10

Убиецот на двајцата фудбалски навивачи од Шведска е застрелан во полициска акција додека седел во кафуле. Пронајдено и оружјето. Станува збор за Тунижанец кој илегално престојувал во Белгија. Се трага по уште едно лице...

По интензивна потрага, во полициска акција е застрелан 48 годишниот осомничен за убиството на двајцата шведски државјани во Брисел. Напаѓачот Абдесалам А. со туниско потекло, кој во Белгија престојувал илегално, е убиен во кафуле. Оружјето кое било пронајдено кај него е истото со кое го извршил злосторството. Белгиската полиција нападот го оквалификува како терористички.

„Федералното јавно обвинителство ја води истрагата како потенцијален терористички напад. Вечерта на социјалните мрежи беше објавена порака од лице кое тврди дека е напаѓачот. На видеото, тврдеше дека е член на исламска држава и ја наведе шведската националност на жртвите како мотив за напад. Решивме да го подигнеме нивото на закана на четврти степен на целата територија на Брисел“, изјави Александер Де Кро – премиер на Белгија.

„Сега јасно занеме што се случило. Ладнокрвно беа застрелани двајца Швеѓани. Напад насочен кон шведска и шведските граѓани, само затоа што се Швеѓани. Никогаш во поновото време, Шведска и шведските интереси не биле под толку голема закана како сега“, изјави Улф Кристерсон, премиер на Шведска.

Се претпоставува оти можен мотив за нападот е палењето на Куранот во Шведска. Напаѓачот додека пукал во такси-возилото во кое биле двајцата Швеѓани, извикувал „Алах Акбар“. Потоа продолжил да стрела и кон зградата во близина, по што ранил уште едно лице.

„Не, не видов жртви, но знам дека имаше лице кое падна на земја. Во тој момент еден човек ми рече да се движам, дека е многу опасно и ме повлече за рака. Побегнавме“, изјави очевидец.

„Ја добивме информацијата онлајн. Белгиската Фудбалска федерација испрати порака да не го напуштаме стадионот, останете внатре има терористички напад“.

„Го гледавме натпреварот, а потоа ни рекоа дека тој се прекинува, дека станиците на трамваите и метроата се затворени и дека треба да чекаме за повеќе информации. И сега конечно не евакуираа“.

Во Италија, пак, е спречен планиран терористички напад. Специјалните полициски единици уапсија италијански државјанин со египетско потекло под обвинение дека поттикнувал тероризам. И францускиот дворец Версај повторно евакуиран поради дојава за бомба. Ескалацијата на конфликтот меѓу Израел и милитантите на Хамас и бранот пропалестински протести, во најголемиот број светски метрополи е подигнато нивото на безбедност

 

Маја Д. Стојанова