Израел-Хамас

Пентагон планира да распореди 2.000 американски војници во Израел

17.10.2023 14:22

Расте бројот на загинати во Појасот Газа. Убиен е уште еден лидер на Хамас. Борбите продолжуваат, но не запираат дипломатските напори да се најде решение за кризата. Американскиот претседател Бајден утре ќе пристигне во Израел. Преминот Рафах кон Египет и натаму затворен. ЕУ најави хуманитарен воздушен коридор за помош на погодените во Појасот...

Единаесетти ден од конфликтот меѓу израелската армија и Хамас. Продолжуваат борбите во Појасот Газа. Расте бројот на жртви и повредени. Американскиот државен секретар Блинкен по вториот круг состаноци во Израел за помалку од една недела потврди, претседателот Бајден утре ќе го посети Израел. Пентагон им наредил на речиси 2.000 американски војници да се подготват за потенцијално распоредување во Израел за медицинска и логистичка поддршка.

„Тој доаѓа овде во критичен момент за Израел, за регионот и за светот. Претседателот ќе ја потврди солидарноста на САД со Израел и нашата железна посветеност на неговата безбедност. Претседател Бајден ќе ја нагласи нашата кристално јасна порака до кој било актер, држава или недржава што се обидува да ја искористи оваа криза за да го нападне Израел“, изјави Ентони Блинкен, државен секретар на САД.

Резолуцијата поддржана од Русија која повикува на итен прекин на огнот во Газа, беше отфрлена на седница на Советот за безбедност на ООН.

„Сметаме дека денешното гласање во Советот за безбедност е многу демонстративно. Тоа јасно покажува кој е за примирје за да се запре неселективно бомбардирањето и обезбедувањето хуманитарна помош“, изјави Василиј Небензија, руски амбасадор во ООН.

„Руската резолуција изнесена без никакви консултации не го спомнува Хамас. Русија и дава покритие на терористичката група која брутализира невини цивили. Тоа е срамота. Тоа е лицемерно“, изјави Линда Томас-Гринфилд, амбасадор на САД во ООН.

Преминот Рафах кон Египет и натаму затворен. ЕУ најави хуманитарен воздушен коридор за помош на погодените во Појасот.

„Во овој момент најважната работа е да распоредиме хуманитарна помош за луѓето на кои им е најпотребна во Газа. Израел има право да се брани, но со почитување на меѓународното, а особено на хуманитарното право“, изјави Жозеп Борел, шеф за надворешна политика и безбедност ан ЕУ.

Иранскиот врховен лидер, Ајатолахот Али Хамнеи вели дека муслиманскиот свет е лут, и нападите врз Газа мора да престанат.

„Ако злосторството продолжи, муслиманите и силите на отпорот ќе ја изгубат толеранцијата. Никој повеќе не може да ги спречи. Западот мора да го знае ова“, рече Ајатолахот Али Хамнеи, врховен лидер на Иран.

Портпаролот на оруженото крило на Хамас рече дека држат меѓу 200 и 250 заложници, вклучително и странци, кои планираат да ги ослободат во соодветно време. Неопходно е да се спроведе копнена офанзива, велат од кабинетот на премиерот Нетанјаху. Тензиите продолжуваат и во граничната област меѓу Либан и Израел. Израелските воздухопловни сили извршија воздушни напади во текот на ноќта врз цели на Хезболах.

 

 

 

Маријана Димовска