Застарува делото за „Таргет-Тврдина“
Застаруваат кривичните дела за злосторничко здружување и злоупотреба на службената положба и овластување во предметот „Tаргет-тврдина“ за масовното прислушување. Судот донесе решение за запирање на постапката. Причина – донесените измени на Кривичниот законик. Сега, обвинителите се надеваат дека постапката ќе продолжи во делот на уништувањето на опремата со преквалификација на делата.

Запрена е кривичната постапка за случајот „Таргет – Тврдина“ против обвинетите Горан Груевски, Сашо Мијалков, Надица Николиќ, Владимир Варелов, Маријан Шумуликоски и Васил Исаковски. Застаруваат делата за злосторничко здружување и злоупотреба на службена положба и овластување за нелегално прислушување од јуни 2017-та година. Причина за ваквиот развој на настаните се последните измени на Кривичниот законик.
Обвинителите сметаат дека има да продолжи процесот за уништувањето на опремата за прислушувањето во „Тврдина“, каде што им се суди на Гордана Јанкуловска, Тони Јакимовски, како и на избеганите екс-разузнавачи Грујевски и Бошковски и на уште една обвинета.
Според адвокатите, нема основа за такво нешто.
Според обвинението преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Прислушувањето директно и индиректно опфатило околу 20 илјади граѓани. Трошоците за водењето на кривичната постапка паѓаат на товар на Буџетот на државата.
Александра Велинова
