Филипче и Меџити пред Анкетната комисија за случајот „Онкологија“
Анкетна комисија за случајот „Онкологија“ во Собранието. На ред за сослушување пред пратениците, поранешниот и актуелниот министер за здравство, Филипче и Меџити. Филипче тврди дека не знаел за като-системот.

Додека бев министер за здравство до мене не дојдоа информации за злоупотреба на лекови на Клиниката за онкологија, рече поранешниот прв човек во ресорот Венко Филипче пред пратениците од собраниската анкетна комисија. Истакна дека за време на неговиот мандат немало пропусти во работењето на клиниката. За ексдиректорот Васев посочи дека бил професионалец и ако имало сомненија за криминал, обвинителството треба да истражи. Прашања поставуваа пратеници и од власта и од опозицијата. Като системот и паралелниот увоз на лекови во фокус на распитот.
Филипче смета дека политичката одговорност треба да се бара претходно. Вели дека од 2018-тата година наваму, за онколошките пациенти се увезуваат лекови со европски сертификат.
Претходно Комисијата за финансирање и буџет го разгледа ревизорскиот извештај и донесе повеќе заклучоци меѓу кои одговорните на Онкологија да ги спроведат препораките од извештајот и да изготват протоколи за приклучување на пациенти на биолошка терапија, но и да спроведат попис на лековите и медицинските препарати согласно правилникот.
Анита Димитријевска – Велковска
