Поранешниот и актуелниот министер за здравство пред Анкетната комисија за случајот „Онкологија“
Поранешниот и актуелниот министер за здравство пред Анкетната комисија за случајот „Онкологија“. Прашања поставуваа пратеници и од власта и од опозицијата. Филипче рече дека не знаел за като-системот. Меџити очекува целосно расветлување на случајот...

Кога дојдов на министерската функција, Клиниката за онкологија, а и целото здравство беа во алармантна состојба, ни ред ни дисциплина, слабо менаџирање, рече пред членовите на Анкетната комисија за случајот „Онкологија“ министерот Фатмир Меџити. Посочи дека никој нема да биде поштеден од одговорноста ако не работи професионално. Уверува дека сега долговите на онкологија биле преполовени, а се работело и на враќање на като – системот. Што се однесува за случувањата во Онкологија, одговори дека имал информации за като-системот и за медицинската сестра. Очекува расветлување на случајот, но и политичка одговорност.
Поранешниот прв човек во ресорот Венко Филипче, пак, пред пратениците посочи дека додека бил министер за здравство до него не дошле информации за злоупотреба на лекови на Клиниката за онкологија. Истакна дека за време на неговиот мандат немало пропусти во работењето. За ексдиректорот Васев рече дека бил професионалец и ако имало сомненија за криминал, обвинителството треба да истражи. Филипче смета дека политичката одговорност треба да се бара претходно. Вели дека од 2018-тата година наваму, за онколошките пациенти се увезуваат лекови со европски сертификат.
Претходно, Комисијата за финансирање и буџет го разгледа ревизорскиот извештај. Донесе повеќе заклучоци – одговорните на онкологија да ги спроведат препораките од извештајот и да изготват протоколи за приклучување на пациенти на биолошка терапија, но и да спроведат попис на лековите и медицинските препарати согласно правилникот.
Наташа Гркова-Петрушевска
