Нападот на болницата во Газа дополнително ја усложни ситуацијата на Блискиот Исток
Тензиите растат по крвавиот напад на болницата во Газа во кој загинаа над 500 цивили. Израел и Хамас со меѓусебни обвинувања. Запалени израелската и американската амбасада во Јордан. На Западниот Брег масовни протести на Палестинците против претседателот Абас. Тој ја откажа средбата со Бајден. Американскиот претседател денеска во посета на Израел...

Стотици жртви по гранатирањето на болница во центарот на Газа. Израелските власти тврдат дека нападот бил резултат на неуспешно лансирање ракета од страна на милитантната група, Хамас негира вмешаност – тврди дека Израел е одговорен за нападот.
„Бидејќи има многу воздушни напади и исто така има многу погрешни ракети лансирани од Хамас, а има и многу лажни извештаи од Хамас, ќе ги дознаеме деталите и на јавноста ќе ѝ ја кажеме вистината“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелските одбранбени сили.
Палестинскиот претседател Махмуд Абас прогласи тридневна жалост. Самитот во Аман, Јордан со египетските, палестинските лидери и американскиот претседател, посветен на ситуацијата во Газа, е откажан. Бајден во Израел на средба со премиерот Нетанјаху. Сенатот синоќа го поддржа пакетот помош за Израел.
„Соочени со оваа трагедија и со цел да го заштитам нашиот народ, се договорив и со нашите браќа во Јордан и Египет да го откажат самитот во Аман закажан за денеска со американскиот претседател Бајден“, изјави Махмуд Абас, претседател на Палестина.
Претходно беше бомбардирано училиште во бегалски камп во енклавата, каде што беа засолнети над четири илјади луѓе, потврдија од ООН. Десетици загинаа, но се верува дека бројката ќе се зголемува и од овој напад. Осуда за нападите од меѓународната заедница.
„Очекуваме Израел да го почитува законот за војна и нашите приоритети, нашите цели во поддршката на Израел е да се осигураме дека Израел го има тоа што му треба преку нашата безбедносна помош. Испраќаме континуирана силна порака за одвраќање за кој било друг актер“, изјави Сабрина Синг, заменик-секретар за печат на Пентагон.
„Нападот врз цивилна инфраструктура не е во согласност со меѓународното право“, изјави Шарл Мишел, претседател на Европскиот совет.
„Нема противречност во солидарноста со Израел и делувањето за хуманитарните потреби на Палестинците. Ние сме во контакт со египетските власти за да овозможиме нашата помош да влезе во Газа од Египет“, изјави Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија.
СЗО со осуда за нападите врз цивили и здравствени објекти и предупреди на глобалните ризици од појава на заразни болести. Стотици луѓе излегоа на улиците низ Западниот Брег во знак на протест против експлозијата во болницата во Газа. Во Рамала демонстрантите побараа претседателот Абас да биде симнат од власт поради неговата неактивна улога во конфликтот. Антивоени и антиизраелски протести се одржаа во неколку земји од арапскиот свет. На протестот во Техеран запалено израелското и знамето на САД, во Јордан, израелската амбасада во пламен.
Маријана Димовска
