2% од компаните во Велес користат електронски услуги за пријава и одјава на работници

28.05.2014 10:11

Во време кога примената на интернетот во секојдневниот живот расте, компаниите покажуваат незаинтересираност за примената на електронската апликација за пријавување и одјавување на осигурениците. Во Велес од 1.900 регистринани правни субјекти само 25 започнале со електронска пријава и одјава на работници...

Помалку од два проценти од регистрираните фирми во Велес ја користат електронската апликација за пријавување и одјавување на работници. Од подрачната единица на Фондот за здравство немаат одговор зошто апликацијата која ја олеснува административната работа одговорните одбиваат да ја применуваат и наместо од канцеларија пријавувањето и одјавувањето на осигурениците го прват на шалтер со хартија во рака.

„Имаме околу 24- 25 субјекти кои се пријавија и овластија лица, тоа се најчесто од државните установи, градинки и училишта“, изјави Анде Марковски, раководител на Подрачна единица на ФЗОМ Велес.

Марковски е дециден, Фондот останува посветен да ја развива примената на апликацијата. Според него секој правен субјект кој има компјутер, интернет и читач за електронски картички може да се регистрира за користење на услугата.

„За сите податоци и услови кои им се потребни можат да се обратат во Фондот во Подрачната служба во Велес, а бенефитот ќе го почуствуваат веднаш штом ги направат процедурите и започнат со примена“, рече Марковски.

Електронскиот начин на пријавување и одјавување на осигуреници се применува веќе четири месеци. Според статистиката најголема примена на оваа апликација засега има во Струмица.

Ниту една компанија со која разговаравме несакаше со нас да сподели зошто оваа апликација не е дел од нивното работење. Изненадува фактот што ова се случува во време кога во државата примената на интернетот во секојдневниот живот расте.

Дијана Иванова