Бајден во посета на Израел, ја истакна поддршката на САД за израелскиот народ
Стотици мртви во нападот на болница во Газа, осуда за жетвите цивили од сите страни на светот. Палестинската влада прогласи тридневна жалост. Во Тел Авив пристигна американскиот претседател Бајден. Израел ќе го победи Хамас, истакна премиерот Нетанјаху. Неговите одбранбени сили најавија создавање на хуманитарна зона во јужниот дел на Газа каде што ќе се обезбедува меѓународна помош...

Стотици жртви по гранатирањето на болница во центарот на Газа. Израелските власти тврдат дека нападот бил резултат на неуспешно лансирање ракета од страна на милитантната група, Хамас негира вмешаност. Претходно беше бомбардирано училиште во бегалски камп во енклавата, каде што беа засолнети над четири илјади луѓе, десетици загинаа, потврдија од ООН.
„Големината на штетата што ја гледаме овде се должи на боевите глави на ракетата на Исламски џихад. Поголемиот дел од горивото на ракетата е сè уште евидентно поради краткиот лет на ракетата бидејќи лансирањето не успеа“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелските одбранбени сили.
Во особено тензична атмосфера на Блискиот Исток, Американскиот претседател Бајден пристигна во Тел Авив. Израел ќе го победи Хамас и силите на цивилизацијата ќе надвладеат, истакна премиерот Нетанјаху. Претседателот Бајден ја истакна поддршката од САД за израелскиот народ. Самитот во Јордан со египетските, палестинските лидери и американскиот претседател, посветен на ситуацијата во Газа, е откажан. Сенатот синоќа го поддржа пакетот помош за Израел.
„Овде сум од едноставна причина, сакам народот на Израел, луѓето во светот да знаат дека САД стојат до Израел. Израел има право да се брани, ние исто така треба да имаме на ум дека Хамас не го претставува целиот палестински народ и му донесе само страдање. Американците тагуваат со вас. Ќе се погрижиме да го добиете она што ви треба за да се одбраните“, изјави Џо Бајден-претседател на САД.
„Светот ја гледа вашата поддршка и моралната јасност што ја покажавте од моментот кога Израел беше нападнат. Со право поставивте јасна линија помеѓу силите на цивилизацијата и силите на варварство. Го опишувате она што го направи Хамас како чисто зло. Токму тоа е“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
Осуда за нападите од меѓународната заедница. Брисел бара одговорност за цивилните жртви.
„Нема оправдување за напади врз болница полна со цивили. Треба да се утврдат сите факти и да се најадат одговорните. Сите мора да ги удвоиме нашите напори да ги заштити цивилите од бесот на оваа војна“, изјави Урсула фон дер Лајен, претседателката на Европската комисија.
„Правото на одбрана, како и сите права, имаат граници и во овој случај се гарантирани со меѓународното право, особено со хуманитарното право“, изјави Жозеп Борел-шеф за надворешна политика и безбедност на ЕУ.
Израелските одбранбени сили најавија создавање на хуманитарна зона во јужниот дел на Газа каде што ќе се обезбедува меѓународна помош. Потегот е по неколкудневни преговори со Египет, САД и други за создавање безбедна зона за напуштање на Појасот. Хуманитарните конвои кои чекаа во египетскиот град Ел Ариш се упатија кон граничниот премин Рафа со палестинската енклава Газа, соопштија претставници на хуманитарните организации.
Маријана Димовска
