Чувар на изворната музика: 40 годишен јубилеј на фестивалот „Пеце Атанасовски“
Македонското изворно творештво е нашето национално богатство. Според музиколозите, квалитетниот аранжман на изворната музика може да донесе квалитет. Еден од чуварите на изворното е фестивалот „Пеце Атанасовски“ кој годинава го доживува својот 40 годишен јубилеј...

По 40 пат на Рудина кај Долнени ќе се разлеат звуците на гајдата и на изворната песна. Ќе се чуе богатото изворно македонско наследство. Фестивалот на изворни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“ со преку 8.000 учесници досега со своја мисија и цел.
„Фестивалот и по четири децении е уште поцврст во улогата што ја има- зачувување, развивање, но и пренесување на идните генерации на фолклорното македонско наследство, на пренесување на изворните традиции надвор од земјава и, секако, на воспитувањето на новите генерации за негување на изворниот мелос“, вели Весна Атанасовска Вуќиќ, директор на фестивалот за народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“.
Македонското фолклорно творештво стигнува и до новите генерции - факултетски едуцирани за изворниот мелос.
„Ние им го пренесуваме, им го даваме на студентите кои мора да се борат и сето она што на некој начин е подзаборавено да излезе на виделина“, вели д-р Родна Величковска, етномузиколог и професор.
Според музиколозите трендот на ново аранжирање на изворната музика не може да наштети ако е квалитетно.
„Ако се направени мајсторски и во духот на традиционалното, доаѓаат како еден шлаг“, вели Захаринка Милосављевиќ, музиколог.
Четиридеценискиот чувар на македонскиот фолклор- Фестивалот „Пеце Атанасовски“ ќе донесе семинар за изучување на народните иснтрументи и песни со учесници од Грција и Македонија, трибина, монографија и нови 250 вљубеници во изворното.
Елизабета Митреска
