Размена, учење, вмрежување – Институтот за комуникациски студии во мисија за борба против дезинформациите
Во ера на неконтролиран наплив од информации, во време кога сме опкружени со различни медиуми, медиумската писменост е неопходна алка којашто недостасува во едно здраво граѓанско општество. Но, како да бидеме сигурни дека информацијата е точна? Како да дознаеме дека нешто навистина се случило? Дали виртуелната реалност кореспондира физичката реалност?

„Што и да изучувате, со што и да се занимавате, да истражувате, само запрашајте се: Што се фактите и која вистина ја потврдуваат“- рекол Бертранд Расел, британски филозоф.
Во ера на неконтролиран наплив од информации, во време кога сме опкружени со различни медиуми, медиумската писменост е неопходна алка којашто недостасува во едно здраво граѓанско општество. Но, како да бидеме сигурни дека информацијата е точна? Како да дознаеме дека нешто навистина се случило? Дали виртуелната реалност кореспондира физичката реалност?
„Не секогаш“ – велат панелистите на Годишната конференција на ЕУ Дезинфо која што годинава, од 11-ти до 12-ти октомври се одржа во Краков, Полска. На оваа конференција учествуваа над 300 професионалци од различни организации и медиуми.
„Вистината е неприкосновена. Тука нема простор за преговори“ – едногласни се учесниците на конференцијата.
Моќта на медиумите е несомнено голема. Но, моќта носи и одговорност. Одговорност кон публиката. Од друга страна и корисниците на информации имаат потреба од нови знаења и вештини за правилна селекција на информациите. Промовирањето на медиумската писменост значи поттикнување на критичкото и на аналитичкото размислување на граѓанското општество. Тоа е всушност основната мисија на Институтот за комуникациски студии кој во борбата против дезинформациите игра клучна улога во нашето општество. Впрочем, со своето учеството на форумот во Краков, ИКС го следи актуелниот тренд на размена, учење и вмрежување во борбата против дезинформациите.
Од каде таква експанзија на дезинформации? Психолозите велат: „Преголема количина на информации – како никогаш досега, која луѓето тешко ја процесуираат“. Не станува збор за капацитет, туку за трка со времето. Постојано во гужва, во брзање, едноставно недостасува време да се из-анализираат информациите. Па неретко ги земаме здраво за готово.
„Се случува преголема експанзија на дезинформации која е во пропорција со светските кризи. Јавните сервиси, особено треба да внимаваат како ги пласираат тие информации. Секогаш треба да се внимава на веродостојноста на изворот“- истакна Дијана Волис, Претседател на ЕУ Дезинфо Лаб.
Медиумската писменост е лекот. Таа нè учи како да и пристапиме на медиумската содржина. Кој ја испраќа? Која е целта? Дали е тоа информација или скриена пропаганда? Дали е вест или новинарски став? Во трката по ексклузивност, новинарот знае некогаш да ги прескокне професионалните стандарди и етичките начела. Како да го препознаеме тоа? 1000 прашања – 1000 одговори. Кога луѓето немаат одговор за некое прашање, тогаш прифаќаат теории на заговор.
„Недовербата во системот, недовербата во политичарите и во оние кои ја водат државата ги прави луѓето подложни на теории на заговор“ – вели Брент Ли креатор на подкаст – „Некои се осмелуваат да го наречат теорија на заговор“. Овој популарен Британец се декларира како човек кој бил зависник од следење на теории на заговор.
„Теориите на заговор лесно може да те втурнат во еден лавиринт од информации кои ти ги подгреваат сомнежите, а од друга страна те прават слеп пред фактите. Во еден момент запаѓаш во зајачка дупка од која тешко се извлекува“– вели Ли.
Едно е јасно, во XXI век не се бориме само со пандемија, туку се бориме и со инфодемија.
И во еден ваков информациски хаос медиумите кои се занимаваат со проверка на факти – „добиваат на цена“. Во балканските земји тоа се: Faktor.ba во Босна и Херцеговина, Faktograf.hr во Хрватска, Stinomer.rs во Србија. Кај нас тоа e Вистиномер.
„Фактчекер“ – медиум или алатка? Кој ги чекира „фактчекерите“?
„Фактчекингот“ е повеќе метод преку кој што се проверуваат информациите пласирани во медиумите. Сите наши истражувања се транспарентни и јавно објавени. Корисниците на информации се тие кои ги проверуваат „фактчекерите“ – вели полскиот аналитичар Алекси Шимкевич.
Пропагандата е тип на порака чија цел е да влијае врз мислењето или однесувањето на луѓето. Во време на социјални мрежи, борба за кликови, во време на инфлуенсерство, пропагандата е најопасната алатка која го уништува новинарскиот професионализам.
Експанзијата на пропагандата е правопропорционална со светските кризи. Борба со пандемијата, руската инвазија врз Украина, израелско-палестинскиот конфликт.
Руската пропаганда: мит и вистина?
„Конфликтот меѓу Русија и Украина, уште во 2014 година ја нагласи еволутивната природа на современите војни. По руската инвазија врз Украина во 2022, сите напади со проектили се проследени со напади со информации. Ниту војните не се веќе исти“ – истакна панелистот Емерсон Брокинг постар соработник во ДФРЛаб – Дигитална форензичка истражувачка лабораторија со седиште во Вашингтон.
Своето излагање, Брокинг го илустрираше со примерот на „Песочниот црв“-познат како Вуду Мечка што всушност е сајбер воена единица на руската агенција за воено разузнавање.
Технологијата, посебно новата оди напред трчајќи, а не одејќи. Новите апокалиптични предвидувања се дека вештачката интелигенција во иднина, во целост ќе ги замени уредниците, а и репортерите.
Дали вештачката интелигенција е сериозна опасност за професионалното новинарство?
Стручните лица тврдат дека алгоритмите произведени од вештачката интелигенција може сериозно да манипулираат со перцепцијата на луѓето.
Која е опасноста за професионалното новинарство?
„Нема потреба да се плашиме од вештачката интелигенција, доволно ќе биде да сфатиме како работи. Вештачката интелигенција може сè да генерира: текстови, ликови, може да креира „дипфејк“, но затоа корисниците на информации треба да се доволно медиумски писмени да ги препознаваат дезинформациите“ - вели Томас Гуритин, ИТ експерт.
Како и да е, борбата против дезинформациите продолжува.
Ова се неколку златни правила кои треба да ги почитува секој медиумски писмен поединец:
Проверете го медиумот.
Проверете го изворот на информацијата.
Проценете дали содржината е објективна.
Проверете ги другите извори.
И да не заборавиме степенот на развој на едно демократско општество, веќе се мери според степенот на медиумска писменост. Таа е императив на новото, дигитално време.
Анета Андонова
Фото: Љубомир Домазетов
Овој текст МРТ го изработи во соработка со Институтот за комуникациски студии во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.
