ИЗРАЕЛ

Стотици мртви, напад на болницата во Газа

18.10.2023 14:17

Стотици мртви во нападот на болница во Газа. Палестинската влада прогласи тридневна жалост. Во Тел Авив пристигна американскиот претседател Бајден. Израел ќе го победи Хамас, истакна премиерот Нетанјаху. Неговите одбранбени сили најавија создавање на хуманитарна зона во јужниот дел на Газа каде што ќе се обезбедува меѓународна помош …

Израелските одбранбени власти тврдат дека палестинскиот исламски џихад е одговорен за бомбардирањето на болницата во Газа, кога загинаа стотици цивили. Хамас негира вмешаност во нападот и тврди дека е дело на Тел Авив. И натаму трае потрагата по преживеани под урнатините.

„Нашите разузнавачи пресретнаа разговор меѓу двајца терористи на Хамас кои зборуваа дека палестинскиот исламски џихад извршил напад и една од ракетите експлодирала во болницата“, изјави потполковник Питер Лерне, портпарол на израелската одбрана.

Во особено напната атмосфера на Блискиот Исток, Американскиот претседател Бајден во Израел на средби со израелскиот државен врв. Јорданскиот крал поради болницата во Газа ја откажа средбата со Бајден. Осуди за нападот пристигнаа од речиси целата меѓународна заедница. Брисел бара одговорност за цивилните жртви.

„Нема оправдување за напади врз болница полна со цивили. Треба да се утврдат сите факти и да се откријат одговорните. Сите да ги удвоиме нашите напори за да се заштитат цивилите од бесот на војната“, изјави Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија.

„Стотици мртви, стотици повредени – ова е катастрофа од хуманитарен карактер. Навистина се надевам дека ќе биде сигнал што поскоро да сопре конфликтот. Треба да ја сведеме работата на можноста за почнување на преговори. За време на разговорите со лидерите на Блискиот Исток добив впечаток дека никој не сака овој конфликт да се претвори во војна од големи размери“, изјави Владимир Путин, претседател на Русија.

Иран ги повика муслиманите да ги протераат израелските амбасадори и побараа ембарго врз извозот на нафта за Израел.

„Очекуваме исламските земји кои имаат дипломатски односи со ционистичкиот режим веднаш да ги прекинат односите и да ги протераат израелските амбасадори од нивната земја. Второ, извозот на нафта во земјата на Израел и секој проект што постои меѓу исламските држави и Израел мора веднаш да биде сопрен“, изјави Хосеин Амирабдолахиан, министер за надворешни работи на Иран.

Израелските одбранбени сили најавија создавање хуманитарна зона во јужниот дел на Газа каде што ќе се обезбедува меѓународна помош. Претседателот Ал Сиси изјави дека Египет не го затворил единствениот граничен премин со Појасот Газа, притоа обвинувајќи го Израел за блокадата на Рафах.

 

Маријана Димовска