НБА – плеј оф

Вестбрук како Џордан!

28.05.2014 10:30

Оклахома славеше со 105:92 и по домашните мечеви израмни на 2:2, затоа што освен почетните 8:0 за гостите беше подобра во сите елементи...

Кога пред две години Оклахома го одигра првото големо НБА финале, во завршната конференциска серија на „западот“ со 4:2 беше подобра од Сан Антонио. Тоа е сценариото по коешто „Тандерс“ и се спротивставуваат на најдобрата екипа по основиот дел од сезоната.

Оклахома славеше со 105:92 и по домашните мечеви израмни на 2:2, затоа што освен почетните 8:0 за гостите беше подобра во сите елементи. Од неверојатниот тандем Вестбрук -  Дурент порасположен ноќеска беше Расел кој одигра еден од најдобрите плеј – оф мечеви во кариерата, реализирајќи 40 поени, 10 асистенции и 5 украдени топки. Вакво идентично постигнување во доигрувањето претходно имал само Мајкл Џордан. Плејмејкерот на Оклахома погоди 12 од 24 шутеви од игра и не промаши ниту едно од 14-те слободни фрлања. Кевин Дурент пак, постигна 31 поен и собра по пет скока и додавања за кош.

Единствен на ниво кај „Спарс“ беше Борис Дијао со 14 поени и 10 скока. Исто толку уфрли и Тони Паркер.

Финалната западна серија продолжува по системот 1-1-1. Домаќин на наредниот натпревар за два дена ќе биде Сан Антонио. Ноќта што претстои пак, можна  е промоција на првиот НБА финалист. Ако на “истокот“ Мајами слави кај Индијана, по четвртипат по ред ќе игра за шампионскиот прстен.