Македонија

Ковачевски најави корекција на функционерските плати

18.10.2023 16:27

До крајот на месецот ќе се знае за колку ќе се скастрат зголемените функционерски плати. Од Влада велат решение е можно неделава, министрите работат на тоа. Ако намерата е искрена, потегот ќе се случеше веднаш – став на експертите.

Владата бара издржано решение за платите на функционерите, кое нема да падне на Уставен суд. Премиерот Ковачевски, вели дека до следната недела на маса треба да има законско решение за корекција на функционерските плати. Работна група од економските ресори работела на ова. Премиерот посочи дека не може да има еден коефициент за пресметка на платите, поради фактот што носители на функции од различни области имаат различен коефициент.

Доколку имаше искрена намера за намалување на платите на функционерите, тоа требаше веднаш да се случи, вели професорот Лазар Јовевски. Според него, потребно е зголемување на платите за 50 насто во сите сектори. Тој не сакаше да шпекулира со проценти за колку би се намалиле платите на функционерите.

За да се случи тоа треба да се работи во делот на економски реформи, политики и раст. Имаме еднострано зголемување на платите неприродна состојба и во рамките на пазарот на трудот. Мора да се испорача и високи плати и во другите сектори и тоа барем за 50 насто. Владата најави дека средствата што ќе се ослободат со кратењето на платите на функционерите ќе се пренаменат за антикризни мерки за најранливите категории граѓани.

 

Наташа Гркова-Петрушевска