Македонија

Костадиновска-Стојчевска на седница на Национална комисија на УНЕСКО

18.10.2023 16:41

Во Владата на Република Северна Македонија денеска се одржа седница на Националната комисија за УНЕСКО на РСМ, на која се дискутираше за одлуката и за заклучоците од 45. сесија на Комитетот за светско културно наследство на УНЕСКО...

Во Владата на Република Северна Македонија денеска се одржа седница на Националната комисија за УНЕСКО на РСМ, на која се дискутираше за одлуката и за заклучоците од 45. сесија на Комитетот за светско културно наследство на УНЕСКО што се одржа од 10 до 25 септември во Ријад, Кралство Саудиска Арабија, а кои се однесуваат на природното и културното наследство на Охридскиот Регион.

На седницата претседаваше министерката за култура и претседателка на Националната комисија за УНЕСКО, Бисера Костадиновска-Стојчевска, а беше истакнато дека Комитетот го вреднуваше и фактот дека експертските тимови на двете држави заеднички изготвија Стратегиски план за рехабилитација на природното и културното наследство на Охридскиот Регион со Акциски план, со што се потврдуваат нашите искрени намери за зачувување на статусот и подготвеност за работа дома и интензивна соработка.

Во согласност со заклучоците, Министерството за култура, во соработка со Управата за заштита на културното наследство и НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид, на Единствениот национален регистар на прописи (ЕНЕР) веќе го објави Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за прогласување на Старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење. Значајно е тоа што со овој Предлог-закон се менува режимот на заштита на споменичната целина кој ќе спречи реализација на дивоградби, надградба и изградба на нови објекти во споменичната целина.

Костадиновска-Стојчевска ги повика министерствата за животна средина и просторно планирање, за транспорт и врски и за финансии, општините Охрид, Струга и Дебрца, ЈУ „Национален Парк Галичица“ како и Хидробиолошкиот завод од Охрид интензивно и со заедничка посветена работа и реализација на заклучоците, сите да придонесат во зачувувањето на статусот на светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион, стои во соопштението од Министерството.