Израел

Осуда од Меѓународната заедница за цивилните жртви во Газа

18.10.2023 19:58

Осуда од Меѓународната заедница за цивилните жртви во Газа. Ден по нападите со стотици жртви, во Тел Авив американскиот претседател Бајден ја истакна поддршката во битката против Хамас. Арапските лидери ја откажаа средбата во Јордан. Генералниот секретар на ООН бара безусловно ослободување на заложниците отворање на хуманитарни коридори.

Израелските одбранбени власти тврдат дека палестинскиот исламски џихад е одговорен за бомбардирањето на болницата во Газа, кога загинаа стотици цивили. Хамас негира вмешаност во нападот и тврди дека е дело на Тел Авив. И натаму трае потрагата по преживеани под урнатините.

„Спроведовме истрага, нашата технологија ја идентификуваше траекторијата на ракетите, од каде биле лансирани и кој бил нивниот борбен пат. Нашите разузнавачи пресретнаа разговор меѓу двајца терористи на Хамас кои зборуваа дека палестинскиот исламски џихад извршил напад и една од ракетите ја погодила болницата“, изјави потполковник Питер Лерне-портпарол на израелската одбрана.

Во особено тензична атмосфера на Блискиот Исток, Американскиот претседател Бајден во Израел на средби со израелскиот државен врв. Израел ќе го победи Хамас и силите на цивилизацијата ќе надвладеат, истакна Премиерот Нетанјаху. Претседателот Бајден ја истакна поддршката од САД за израелскиот народ. Самитот во Јордан со египетските, палестинските лидери и американскиот претседател, посветен на ситуацијата во Газа, е откажан.

„Овде сум од едноставна причина, сакам народот на Израел, луѓето во светот да знаат дека САД стојат до Израел. Израел има право да се брани, ние исто така, треба да имаме на ум дека Хамас не го претставува целиот палестински народ и му донесе само страдање. Американците тагуваат со вас. Ќе се погрижиме да го добиете она кое ви е потребно за да се одбраните“, изјави Џо Бајден-претседател на САД.

„Светот ја гледа вашата поддршка и моралната јасност што ја покажавте од моментот кога Израел беше нападнат. Со право поставивте јасна линија помеѓу силите на цивилизацијата и силите на варварство. Го опишувате она што го направи Хамас како чисто зло. Токму тоа и е“, изјави Бенјамин Нетанјаху – премиер на Израел.

Осуди за нападот пристигнаа од речиси целата меѓународна заедница. Брисел бара одговорност за цивилните жртви.

„Нема оправдување за напади врз болница полна со цивили. Треба да се утврдат сите факти и да се најадат одговорните. Сите мора да ги удвоиме нашите напори да ги заштитиме цивилите од бесот на оваа војна“, рече Урсула фон дер Лајен-претседателка на Европската комисија.

„Треба да ја сведеме работата на можноста за почнување на преговори. За време на разговорите со лидерите на Блискиот Исток добив впечаток дека никој не сака овој конфликт да се претвори во војна од големи размери“, изјави Владимир Путин-претседател на Русија.

Во меѓувреме, Иран ги повика муслиманските нации да ги протераат израелските амбасадори и побараа ембарго за извоз на нафта во Израел.

„Очекуваме исламските земји кои имаат дипломатски односи со ционистичкиот режим веднаш да ги прекинат односите и да ги протераат израелските амбасадори од нивната земја. Второ, извозот на нафта во земјата на Израел и секој проект што постои меѓу која било исламска држава и Израел мора веднаш да биде сопрен“, изјави Хосеин Амирабдолахиан-министер за надворешни работ на Иран.

Израелските одбранбени сили најавија создавање на хуманитарна зона во јужниот дел на Газа каде што ќе се обезбедува меѓународна помош. Претседателот Ал Сиси изјави дека Египет не го затворил единствениот граничен премин со Појасот Газа, притоа обвинувајќи го Израел за нефункционирање на Рафах.

 

Маријана Димовска