Култура

„Повисоко од себеси“ - изложба на Тони Шулајковски во КИЦ

19.10.2023 10:12

Во Културно-информативниот центар (КИЦ) во Скопје, вечерва ќе биде отворена изложбата „Повисоко од себеси“ на академскиот сликар и ликовен педагог Тони Шулајковски. На изложбата ќе бидат поставени 25 дела, портрети на жени...

Во Културно-информативниот центар (КИЦ) во Скопје, вечерва ќе биде отворена изложбата „Повисоко од себеси“ на академскиот сликар и ликовен педагог Тони Шулајковски. На изложбата ќе бидат поставени 25 дела, портрети на жени.

Тони Шулајковски е роден во 1969 година во Скопје. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности – Скопје, Педагошки оддел, насока сликарство во класата на проф. Ана Темкова во 1992 година. Член е на ДЛУМ од 1993 година. Од учебна 1996/1997 година до денес работи како ликовен педагог во матичното училиште ООУ „Петар Поп Арсов“, од 2001-2021 и во ООУ „Аврам Писевски“, а од 2021 во ООУ „Војдан Чернодрински“.

Постдипломски студии – насока сликарство завршил на ФЛУ во класата на проф. Родољуб Анастасов во 2002 година. Од 2005-та работи со талентирани деца во приватното ликовно студио „Арс вивенди.

Досега реализирал 55 самостојни, а учествувал на стотина групни изложби. Добитник е на повеќе награди, како Награда за сликарство – ДЛУМ (2016), Награда „Сликар на годината 2012“ на Остен – Светска галерија на цртеж (2013), Награда за сликарство – мал формат „Константин Мазев – Коце“ (2008), Награда за најдобар студент на педагошкиот оддел на ФЛУ – Скопје (1992).

Посетителите ќе може да ја посетат изложбата во КИЦ – Скопје до 5 ноември 2023 година.