Европската унија ги зајакнува мерките за безбедност во Шенген зоната
Европските министри за внатрешни работи одлучија, засилена депортација на сите лица коишто немаат право да престојуваат во ЕУ, за да се заштитат од нови терористички напади. Поради напнатата ситуација во Израел и Газа, Унијата превентивно го зголемува обезбедувањето на израелски цели на територија на Унијата…

По терористичкиот напад во Брисел од илегален мигрант од Тунис и напнатата ситуација во Израел и Газа, ЕУ ги зајакнува мерките за безбедност во Шенген-зоната. Од Советот на европските министри за внатрешни работи во Луксембург, одлука за поголема контрола на миграцијата и депортација на сите лица коишто се безбедносен ризик за изведување терористички напади или доаѓаат од такви региони.
„Ќе се засилат депортирањата на тие коишто немаат право да останат во Европската унија. Веќе оваа година има зголемување за 20 проценти на депортираните. Значи веќе ефективно ги враќаме мигрантите. Но, мора да се направи повеќе. Лицата коишто можат да претставуваат безбедносна закана за нашите граѓани и Европската унија, мора да бидат вратени присилно, веднаш“, изјави Јива Јохансон, еврокомесар за внатрешни работи.
Голем број европски држави ги вратија граничните проверки на внатрешните граници со земјите членки. Засилено е обезбедувањето на израелските претставништва, културни центри, синагоги.
„Во моментов мора да се справиме со повеќе закани од континуираната ситуација на Блискиот Исток. Дел од ова е внимателно да ги процениме сите можни последици за нас во Европската унија. Ова вклучува заштита на нашите еврејски заедници, но исто така и заштита од исламофобија“, изјави Маргаритис Схинас, потпретседател на Европската комисија.
За намалување на илегалната миграција, ЕУ склучи договори за враќање на депортираните во земјите на потекло, а ги намали издавањето визи за државите со коишто нема договори.
Ирина Гелевска
