Израел одобри влез на хуманитарна помош за Појасот Газа
Египет го отвора граничниот премин Рафа за влез на хуманитарна помош во Газа, но не дозволува премин на бегалци. По сугестија на Бајден, по повеќе денови Израел дозволи помош за жителите на Појасот. Бранот пропалестински протести во светот не запира. Демонстранти упаднаа и во Капитол Хил...

„Ова е многу важно време. Сакам да ја изразам солидарноста со израелскиот народ по терористичкиот напад. Ќе имам повеќе разговори, со премиерот и со претседателот. Имаме многу работа“, изјави британскиот премиер Риши Сунак.
Исто како и во Германија во Бундестагот канцеларот Шолц ја повтори заложбата на Берлин-конфликтот не смее да се прошири. Не ја пропушти можноста да го обвини шефот на руската држава Путин за цинизам кога ги коментирал цивилните жртви во Газа.
„Тие се жртви и заложници на Хамас. Не треба да се злоупотребуваат, тоа е нечовечки. Не може да се објасни поинаку, под теророт се на Хамас. Затоа им е потребна хуманитарната помош“, изјави Олаф Шолц, Канцелар на Сојузна Република Германија.
Шолц му порача и на проирански Хезболах да не се впушта во воениот конфликт. Минимална помош сепак е договорена, првите дваесетина камиони пристигнуваат од Египет преку Рафа во јужна Газа. Таа ќе се пребарува за да се откријат можните пратки оружје за Хамас-договор постигнат меѓу Бајден и Нетанјаху.
„Ова беа многу тешки преговори. Ќе видиме како ќе биде ако има втора транша, ако, всушност, ја поминат границата. Обединетите Нации ќе бидат таму и ќе ја дистрибуираат. Ако Хамас ја конфискува тогаш тоа ќе заврши и нема да испраќаме хуманитарна помош. Тоа е обврската што ја презедов“, изјави Џозеф Бајден, претседател на САД.
Првите пакети помош пристигнаа од Русија. Со „илјушин 76“, еден од најголемите авиони во светот, испратени се 27 тони по наредба на рускиот претседател. Помошта ќе пристигне во Египет, потоа ќе биде дистрибуирана во кризниот појас.
„Ова се прехранбени продукти. Ќе бидат предадени на организацијата на црвената полумесечина, а потоа во Појасот Газа“, изјави Иља Денисов, заменик-министер на Министерството за кризни ситуации на Русија.
Бомбардирањето на територијата од 2,1 милиони луѓе продолжува. Од болницата во Кан Јунис, која веќе не постои, сè уште се згрижуваат повредените. Се носат и телата на жртвите. Поради израелскиот одговор на терористичкиот напад на Хамас, во Европа, Блискиот Исток, но и на американска територија се одржуваат протести за запирање на безумието на војната.
Зоран Богатинов
