Вработените во обвинителствата од утре ништо нема да работат, бараат зголемување на платите
Вработените во јавните обвинителства повторно на улица. Најавуваат радикализирање на протестот. Од утре нема да работат ни на итни предмети ако не им бидат исполнети барањата...

Вработените во јавните обвинителства од цела Македонија денеска протестираа. Тие се собраа пред Сојузот на синдикати и се упатија кон Владата. Во јавните обвинителства во државава има 390 вработени. Најавија доколку нема одговор од работната група, односно денеска не се соберат министрите, од утре ќе го радикализираат штрајкот.
Вработените во јавните обвинителства најавија дека од утре нема да работат ни на итни предмети. Велат, денешниот протест е предупредување. Бараат зголемување на платите исто како на функционерите.
Од УПОЗ додаваат и дека последиците од гневот на штрајкувачите и блокираниот правосуден систем нема да бидат нивна одговорност.
Револтирани се и дека вработените во обвинителствата нема да добијат повисоки плати во март наредната година, откога ќе има зголемување на минималецот. Посочуваат дека тоа ќе направи уште еден хаос.
Ана Јосифоска Тодоровска
